X
 02.10.2022 Наука

Пандемијата ги направи младите поневротични

Возрасните станаа помалку екстровертни, отворени, прифатливи и совесни за време на пандемијата, покажува новото истражување.

Резултатите, објавени во средата во списанието „ПЛОС Уан“, покажаа дека степенот на промена е приближно еднаков на просечните промени на една личност што обично би ги доживеала во период од една деценија.

Mладите возрасни станале посклони кон промена на расположението, поемотивни и почувствителни на стрес во 2021 година во споредба со изминатите години.

Истражувачите ги анализирале резултатите од истражувањето на повеќе од 7.100 возрасни лица во САД од јануари 2021 година до февруари 2022 година и ги споредиле нивните одговори со периодот од март до декември 2020 година, како и со одговорите од претходните години.

Истражувањето било засновано на „Големите пет особини“, вообичаен начин на кој истражувачите ги оценуваат личностите. Учесниците биле оценети според нивните нивоа на невротичност, екстровертност, отвореност, согласност и совесност.

Во текот на 2020 година одговорите биле прилично конзистентни со оние собрани пред појавата на ковид. Но, истражувачите забележале значителни промени во периодот 2021-2022 година, што укажува на тоа дека колективниот стрес од пандемијата влијаел врз расположението на луѓето со текот на времето.

Минатите истражувања покажаа дека личноста на еден човек се менува како што старееме или развиваме нови навики, како што е вежбањето. Како што луѓето стареат, така стануваат помалку невротични, екстровертни и отворени, но и посклони кон прифатливост и посовесни, вели Анџелина Сутин, водечки автор на истражувањето и професорка на Државниот универзитет во Флорида.

tazen
Фото: Freepik

Но, од 2021 до 2022 година лицата на возраст од 64 години и помалку забележале пад на екстровертноста, отвореноста, прифатливоста и совесноста. Возрасните под 30 години забележале зголемување на невротизмот во тој период, иако другите возрасни групи не го забележале тоа. Возрасните постари од 65 години не забележале значителни промени во личноста во однос на годините пред пандемијата.

- Колку си постар, толку повеќе имаш чувство за идентитет и толку повеќе си вкоренет во своите општествени улоги. Повеќе знаеш кој си, па работите на некој начин помалку влијаат врз тебе - вели Родица Дамјан, вонреден професор по социјална психологија на Универзитетот во Хјустон, која не била вклучена во истражувањето.

Вилијам Ревел, професор по психологија на Универзитетот „Нортвестерн“, истакна дека забележаните промени на личноста може да произлезат и од други општествени и политички настани што се случувале во временскиот период што се истражувал.

- Имаше избори. Имаше бунт. Имаше големи престрелки и големи протести - вели Ревел и додава дека иако е невозможно да се одвојат тие влијанија од ефектите на пандемијата, ковид-19 беше еден од главните предизвикувачи на стрес што ги погоди сите и главната работа што ги задржа луѓето дома.

Дали овие промени на личноста ќе траат?


Минатите истражувања не открија поврзаност помеѓу изложеноста на природни катастрофи и промените на личноста. Но, авторите на новото истражување рекоа дека влијанието на ковид е различно од она на природна катастрофа.

- Пандемијата на коронавирусот го зафати целиот свет и речиси секој аспект од животот - пишуваат тие.

Тие не се сигурни дали возрасните ќе се вратат на своите стари личности иако социјалните и економските влијанија на пандемијата исчезнуваат.

- Не знаеме дали станува збор за трајни или привремени промени - велат истражувачите.

Без оглед на тоа, истражувачите се загрижени за младите луѓе со оглед на тоа што нивните резултати покажуваат дека би можеле да бидат изложени на поголем ризик за менталното здравје, нездравото вежбање или навиките за исхрана, како и зголемени предизвици на училиште или на работа.

Извор: Nbcnews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука