X
 02.11.2018 Живот

Австрија ќе им дозволи на електричните возила да ја надминуваат дозволената брзина

Иако е меѓу земјите што предничат по обемот на новорегистрирани електрични возила, Австрија дополнително ќе го зајакне поттикот за нивно купување. Според најавите на министерката за одржлив развој и туризам Елизабет Кестингер, од 2019 година електричните возила ќе имаат повластувања при возењето на патиштата што се одвоени за јавен превоз и во однос на надминувањето на брзината на автопатиштата во Австрија.

- Сојузната влада дава важен придонес во зајакнувањето на е-мобилноста, очекуваме и се надеваме на сличен важен придонес од покраините, градовите и општините. Тие би требало да ги изземат е-возилата од плаќање паркинг. Тоа би требало да биде уште еден голем поттик за префрлање на е-возила - најави австриската министерка, која заедно со министерот за сообраќај, технологија и иновација Норберт Хофер подготвува и нови стимули за возење електрични возила.

Министерот Хофер смета дека е особено важно укинувањето на ограничувањето за електричните возила од сто километри на час на автопатиштата. Така, во иднина на возачите на електрични возила ќе им биде дозволено да возат со 130 километри на час во зони каде што брзината е ограничена на 100 километри на час.

Минатата година Австрија воведе паричен стимул за купување електрични и хибридни возила со максимални 4.000 евра. Најдалеку стаса тамошната пошта, која има 1.300 возила на електричен погон.

Во Австрија моментално уделот на електричните во новорегистрираните возила е 2,5 отсто. Возењето на чист погон се поттикнува и на други начини. Така, градската управа на Виена зацрта изградба на илјада нови полначи за електрични автомобили до 2020 година, а компанијата што ќе управува со нив им нуди на граѓаните да се вклучат во изградбата со купување ваучери кои подоцна ќе можат да ги користат за бесплатно полнење на е-возилата.

Поттикнувањето на возењето на чист погон е дел од планот на австриската влада до 2030 година да ја намали емисијата на стакленички гасови во сообраќајот за околу 7 милиони и 200 илјади тони јаглероден диоксид. Таа цел, предупреди Хофер, не може да се оствари со забрани, туку со поттикнување за премин на електричен погон.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот