Австрија има многу квалитетни високообразовни институции. Јазикот на кој се студира најчесто е германскиот, но многу универзитети нудат курсеви и на други јазици. Поголемиот дел од универзитетите нудат програми за додипломски студии со времетраење од 6-8 семестри, магистерски програми со времетраење од 2-4 семестри и докторски програми кои траат најмалку 6 семестри.
Академската година во Австрија започнува на 1 октомври, а завршува на 30 септември следната година и се состои од два семестри: зимски (1 октомври - 30 јануари) и летен (1 март - 30 септември). Во Австрија има повеќе од 2.000 универзитетски програми на над 70 високообразовни институции.
Како да аплицирате?
За да бидете примени на некоја програма, пред сè треба да ја контактирате институцијата која ја нуди програмата бидејќи пријавувањето е различно на секоја институција.
Колку чини студирањето?
За австриските и студентите од ЕУ, првата година не се плаќа школарина, а веќе од втората сите студенти плаќаат 363 евра за семестар. За студентите од другите држави потребно е да се поседува дозвола за студирање, односно виза. Школарината за семестар изнесува 726 евра за овие студенти.
Учеството во студентска унија чини 17,50 евра за семестар и е задолжително за сите студенти.
Осигурувањето, исто така, е задолжително и чини 0,50 евра за семестар.
Финансиска помош
Се доделуваат стипендии од повеќе институции. Сите тие може да се најдат на
www.grant.at, кадешто може да се пребаруваат сите достапни стипендии и грантови по држава.