X
 02.11.2018 Економија

Една деценија биткоин - еден од најголемите финансиски феномени на нашето време

Пред десет години анонимен криптограф ги изложи начелата на автономната онлајн-валута која би постоела надвор од досегот на владите и централните банки. Денес нестабилноста на биткоинот ги полни насловните страници, но технологијата зад него ветува подлабока промена.

Дигиталната валута биткоин е еден од најголемите финансиски феномени на нашето време. И додека нејзината повремена рекордна пазарна вредност ги поттикнуваше соништата за брзо збогатување, овогодишниот пад поттикна страв дека би можел да се распрсне како балон од сапуница.

Биткоинот пред десет години беше покренат од страна на анонимен криптограф, кој под името Сатоши Накамото ги објави начелата на автономните дигитални пари. Неговите или нејзините идеи беа револуционерни: нема контрола од централните банки, нема национални граници. Наместо тоа, механизмот под име блокчејн ќе обезбеди доверба и сигурност на системот.

Грубо кажано, блокчејнот е јавно достапна картотека на трансакции кои се снимаат една по друга. Ако некој се обиде да го наруши овој синџир, тоа веднаш ќе биде видливо.

Биткоините се генерираат, односно „копаат“, со помош на сложени компјутерски математички процеси. Количината на биткоините е ограничена и колку повеќе оние што копаат се приближуваат до лимитот, толку посложена е постапката.

Прогласот на Сатоши е објавен преку е-листа во ноември 2008. Два месеца подоцна беше создаден софтвер.

Вложувањата почнаа со колапсот на инвестициската банка „Леман Брадрс“. Биткоинот од нигде никаде се појави како алтернатива.

Се верува дека Сатоши Накамото поседува милион биткоини, што е околу 6,3 милијарди долари - богатство кое остана недопрено. Мистеријата околу неговиот идентитет е голема загатка која многумина се обидуваат да ја решат. Сатоши само виртуелно комуницираше со колегите од светот на биткоинот пред целосно да се повлече во изолација.

Беше потребно некое време за биткоинот да добие замав. На почетокот беше само играчница за компјутерските експерти.

Во приказната која остана запаметена, некој програмер наводно со 10.000 биткоин платил достава на две пици во 2010 година. На врвот на еуфоријата околу биткоинот минатата година таа достава би чинела 190 милиони долари, а дури и денес, по значителниот пад на вредноста на криптовалутата, тој несреќник двете пици би го чинеле 63 милиони долари.

Едни од првите што профитираа од оваа криптовалута беа онлајн-криминалците. На црните интернет-пазари биткоинот можеше да се користи за купување дрога и оружје.

Во раните денови биткоинот го карактеризираа брзи варирања на вредноста, што привлече многубројни шпекулации. На почетокот вредноста на биткоинот се движеше од неколку евра до неколку десетици евра и назад.

Вниманието на јавноста и лимитираниот број биткоини, кои достигнуваат бројка од околу 21 милион единици, доведе до вистинска златна треска во последните неколку години. Вредноста на валутата се зголеми уште повеќе.

Фото: Pixabay

Поради точно одредениот број единици на биткоин кои ги одреди Сатоши, сè посложениот процес на копање кој бара многу енергија придонесе за создавање серверски фарми. На Исланд, каде што има евтина геотермална енергија, се разви цела индустрија на копање.

Оваа година биткоинот загуби две третини од својата вредност, но чувството на златна треска не е ослабено. Би можеле да поминат уште 20 години пред да се произведат сите можни единици на биткоин.

Меѓутоа, технологијата што стои зад биткоинот - блокчејн - го привлече најголемото внимание на банките и другите институции поради тоа што придонесува за безбедност на интернет-трансакциите. Блокчејнот нуди едноставен и сигурен начин на верификација на речиси секаков вид трансакција, со што воедно ја отстранува потребата за посредник или централизирани точки на потврда. Станува збор за технологија која би можела да наруши голем број индустрии, доведувајќи ги во прашање долгогодишните деловни модели, од осигурување до недвижности.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија