Според нова студија објавена во списанието „Нејчр састејнабилити“ од истражувачите Макс Крауз и Табет Толајмат, излегува дека копањето криптовалути (како биткоин) бара повеќе енергија отколку конвенционалното копање бакар и платина. Можеби користи и толку многу енергија (а можеби и повеќе) колку што се користи за вадење злато.
За некои луѓе од областите на технологијата и животната средина ова не е нова информација. Всушност, уште од зачетоците на биткоинот, енвиронменталистите и технолошките ентузијасти посочуваа на енергетски-интензивниот процес на копање на популарната криптовалута.
Со новата студија знаеме дека количината на енергија што е потребна за да се копаат биткоини е речиси двапати поголема од онаа што е потребна за ископување бакар и платина. Но, зошто тој процес бара толку енергија и што тоа значи за иднината и одржливоста на движењето на криптовалутата?
Биткоин-мрежата се потпира на децентрализирана мрежа со „главна книга“ (ledger) за следење на сите трансакции. Како што луѓето си испраќаат и примат биткоини, мрежата ги снима трансакциите. Сите снимања се прават од страна на голема група волонтери кои ја одржуваат мрежата. Тие „волонтери“ се копачите (рударите).
Оние што копаат биткоини не копаат физички, туку решаваат тешки криптографски загатки докажувајќи дека ги снимиле точните трансакции и се во согласност со мрежата пред да додадат блок (сет од трансакции) во историјата на трансакции (односно во „чејнот“ - синџирот) - така се добива блокчејн. Така се генерираат нови биткоини.
За да се изврши оваа работа, биткоин-мрежата оперира користејќи механизам наречен „Proof-of-Work“ (PoW). Тоа бара од копачите да извршат многу процесирања и вклучува и работа на хардверот 24/7/365.
Додека некои копачи оперираат со мала опрема, има некои што работат со голема опрема. Со оглед на тоа колку енергетски интензивно е копањето на криптовалути, трошењето на енергија може да се согледа само преку анализа на глобалното ниво на копањето.
Всушност, некои процени покажуваат дека глобалната консумација на енергија за копање биткоини е повисока од енергијата што ја користи цела Ирска. Други, пак, веруваат дека таквите процени се надувани, но факт е дека копањето криптовалути бара значителна количина енергија, особено ако се земе предвид копањето и на други криптовалути.
И покрај значителната консумација на енергија, Макс сè уште верува дека криптовалутите ќе добиваат поголема популарност и значење во општеството.
- Верувам дека во следните пет години ќе имате опција да купите нешто на „Амазон“ или кафе во вашата локална продавница со криптовалута. Но, јас сакам луѓето да ги сфатат трошоците на новата технологија. Можеме да ја прифатиме новата технологија, но треба да имаме добро разбирање што точно прифаќаме - вели тој.
Сега останува прашањето како консумацијата на енергија ќе влијае врз растот и насоката на светот на криптовалутите во
иднина.