X
 02.11.2020 Живот

Треба да добиете на специјална лотарија за да го посетите ова место

Фотографот Тод Домини го опишува процесот за добивање дозвола за посета и фотографирање на „бранот“ во Северна Аризона како освојување на златниот билет на Вили Вонка во книгата „Чарли и фабриката за чоколади“.

Секоја година стотици илјади луѓе се обидуваат да добијат дозвола, но само неколку илјади ја добиваат. „Бранот“ е природна карпеста формација во близина на градот Канаб на границата помеѓу сојузните американски држави Јута и Аризона.

Станува збор за атракција која е чувствителна и подложна на рушење, па затоа Бирото за управување со земјиштето го ограничува бројот на луѓе што може да го посетат местото на само 20 дневно. 10 од овие се одбрани преку онлајн-лотарија. Во 2018 г. над 160.000 луѓе се пријавиле за лотаријата.


Фото: YouTube screenshot

Останатите 10 дозволи се доделуваат во посебна лотарија што се одржува во живо во туристичкиот центар во националниот парк Гранд Стеркејс-Ескаланте. Се одржува лотарија секое утро за добивање дозвола за посета на локацијата следниот ден.

Сепак, дури и во ова влечење треба да имате среќа. Домини објаснува како запознал човек од Јапонија кој се обидувал да добие дозвола секој ден во период од четири месеци. Во лотаријата може да се учествува самостојно и во група. Групите добиваат една дозвола, но таа важи за сите членови.

Домини учествувал во лотаријата три дена по ред пред да ја добие дозволата. И покрај тоа, Домини вели дека трудот вредел и местото останува едно од омилените што некогаш ги посетил.

Доколку размислувате за посета на локацијата без дозвола, треба да знаете дека казната изнесува 5.000 долари.


Извор: petapixel.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот