X
 20.07.2018 Живот

Авион што 15 години се води за исчезнат

Пред 15 години еден авион „боинг 727“ исчезна под многу чудни околности, шокирајќи го светот и предизвикувајќи масовна потрага. Авионот никогаш не беше пронајден и до ден-денес остана мистерија што се случило во леталото. 

На 25 мај 2003 година авионот почнал да се движи по пистата на аеродромот „Кватро де Февереиро“ во Ангола без претходно добиено одобрение. Немало никаква комуникација со контролорите пред авионот да полета без вклучени светилки и да се упати југозападно над Атлантскиот Океан. Во моментот на исчезнување во авионот немало седишта, туку само резервоари за гориво.

Кратко пред полетувањето двајца мажи се качиле во 46 метри долгиот авион. Пред да полета механичарот Бенџамин Чарлс Падила бил забележан како влегува во авионот. Тој бил најмен да поработи и да го доведе леталото до операциски стандарди, а со себе донел нов асистент, Џон Микел Мутанту. Тие двајца немале лиценца да летаат со авионот.

Исто така, би било речиси невозможно само две лица да оперираат со ваков вид авион бидејќи за тоа обично се потребни тројца обучени пилоти. Затоа има шпекулации дека во авионот влегло и трето лице или, пак, веќе ги чекало таму.

Тие двајца никогаш повеќе не биле видени.

ФБИ, ЦИА, Стејт департментот и Одделот за домашна безбедност го истражувале исчезнувањето. Потрагата се одвивала низ целиот свет бидејќи леталото исчезна 21 месец по нападите на 11 септември 2001 година. Сепак, немало никакви траги.

Една теорија вели дека авионот бил украден пред носот на контролорите на летови.

Фото: News.com.au

Сестрата на Падила во 2010 година се обиде да го натера ФБИ повторно да го отвори случајот и тврдеше дека агенцијата знае повеќе отколку што признава.

Имаше известувања дека авионот бил забележан во Гвинеја, но тие беа отфрлени од Стејт департментот како некредибилни или, пак, не беа верификувани.

Кој управувал со авионот? Дали бил грабнат? Имало ли бомба внатре? Дали се урнал во океанот или бил префарбан и користен на друго место?

Прашањата остануваат.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот