X
 02.11.2022 Живот

Еректилна дисфункција – проблем што може да се реши

Еректилната дисфункција може да влијае врз секојдневниот живот и да предизвика стрес, депресија и лоши односи со партнерот/партнерката. Затоа е важно да посетите лекар и да направите тестови за да ја откриете вистинската причина за проблемот и потоа да го лекувате

Еректилната дисфункција е состојба кога мажот има тешкотии да постигне или да одржува ерекција. Иако еректилната дисфункција не е фатална, таа предизвикува многу стрес, срам и може да ја оптоварува врската. Најдобар план за нејзино лекување е преку лекови или замена на тестостерон. Некои други препораки вклучуваат хирургија, психолошко советување и здрави промени во животниот стил.

Имено, анализирајќи ја оваа појава преку пациентите кои доаѓаат на редовни и вонредни контролни прегледи, можам да образложам дека достигнувањето ерекција е доста комплексен процес кој вклучува активност на мозокот, хормоните, нервниот систем, мускулите и кардиоваскуларниот систем. Ако кој било од овие фактори затаи, резултат на тоа ќе биде еректилна дисфункција.

Еректилна дисфункција кај мажите може да се јави на која било возраст. Таа е во тесна врска со хроничните болести, особено дијабетесот. Околу 75% од мажите со дијабетес имаат еректилна дисфункција. Други заболувања што можат да доведат до импотенција се кардиоваскуларните заболувања, атеросклероза, бубрежни заболувања и мултиплекс склероза, кои може да го нарушат протокот на крв или на нервни импулси до кавернозните (еректилни) тела на пенисот, ниски нивоа на тестостерон, но и прекумерна употреба на алкохол, цигари или лекови.
Според мое лично убедување, ако најдеме начин за превенирање на проблемот, тогаш и ќе имаме успех. За превенција и трајно решавање на овој проблем, најзначајни се промените во животниот стил. Имено, тоа може лесно да се заклучи кога ќе се види што најчесто е коренот или причината која води кон еректилната дисфункција.

Причини за еректилна дисфункција

Еректилната дисфункција или импотентност е нарушување на сексуалната функција кое се карактеризира со неможност да се постигне или да се одржи ерекција на пенисот за време на сексуална активност за постигнување задоволителен сексуален акт.
Од студиите што ги следeв последните години и од моето секојдневно работење можам да констатирам дека застапеноста на еректилната дисфункција по возрасти е следната: 20-30 години 5-10%; 40-50 години 20-40 % и над 50 години 50-70%.

Како причини за импотентност може да се наведат следните состојби: постара возраст, висок крвен притисок, дијабетес, пушење, атеросклероза со високи нивоа на масти во крвта, депресија, невролошки нарушувања, хормонален дисбаланс, несакани ефекти на медикаменти, злоупотреба на алкохол и наркотични средства, ниски нивоа на тестостерон во крвта и сл.

За да се постигне и да се одржи ерекцијата, потребно е: здрав нервен систем кој ќе спроведе нервни импулси во мозокот, ’рбетен мозок и пенис; здрави артерии во или во близина на кавернозните тела; здрави мазни мускули и фиброзно ткиво во кавернозните тела и адекватни нивоа на азотен оксид во пенисот.
Лековите како што се антидепресиви, лекови за висок крвен притисок и лекови за простата исто така можат да влијаат врз ерекцијата. Исто така, одредени хируршки процедури како што се операција на простата, 'рбетниот мозок или карлицата може да предизвикаат еректилна дисфункција.

Во продолжение, депресијата е една од причините за губење на машката потенција. Имено, незадоволството и негативните чувства може да се преселат и во креветот. Во оваа смисла, земањето антидепресиви исто така доведува до еректилна дисфункција. Некогаш пациентите поради еректилна дисфункција може да заболат од депресија.
Земајќи го предвид горенаведеното, како најчести симптоми на еректилна дисфункција се појавуваат eрекции кои се премногу меки или премногу кратки за сексуален однос, но и неспособност да се постигне или одржи ерекција.



Дијагностицирање на еректилната дисфункција

Анализирајќи ја оваа тема, многу е важно да се најде начин како да се превенира и како да се реши овој проблем кој психички влијае врз пациентите и создава непријатна ситуација која резултира и со губење на самодовербата.

Прв чекор што треба да се направи е дијагностицирање на еректилната дисфункција, а тоа во себе содржи анамнеза на пациентот кој има сексуални проблеми, физикален преглед, лабораториски анализи, одредување на ризик-факторите, процена на психосоцијален статус, преглед и откривање на деформитетите на пенисот, заболување на простатата, хормонален недостиг и невролошки преглед.

1. Анамнеза - Потребна е детална анамнеза на пациентот за да може да се дојде до повеќе информации со кои ќе се потврди или отфрли можната причина за појава на оваа состојба.
2. Физикален преглед - Да се направи инспекција на гениталии за видливи физички недостатоци, гинекомастија, лузни од претходни повреди или оперативни зафати. На физикален преглед треба да се одреди состојбата на надворешните гениталии, тестиси, скротум и перинеум.
3. Лабораториски анализи - Комплетна крвна слика, биохемиски анализи на крв и урина, хормонски статус, микробиолошки анализи на урина и сперма, брисеви од уретра.
4. Имиџинг-дијагностика - Тука спаѓаат ултрасонографија со колор-доплер на артерии на пенис, РТГ-дијагностика, КТ или МР-ангиографија.
5. Психосоцијална дијагностика
6. Друго - Тест со инјектирање простагландин Е1, мониторинг на ерекции, директна вибрациона стимулација.

Лекување на еректилна дисфункција

Лекувањето на еректилната дисфункција ги вклучува: избор на медикаменти за хронични заболувања кои не предизвикуваат еректилна дисфункција; подобрување на начинот на живот; ординирање медикаменти за лекување на еректилна дисфункција или примена на локални медикаменти; употреба на помагала како вакуум-пумпи и други; хируршко лекување, пенилни протези и психотерапија.

Во медикаментозна терапија на еректилната дисфункција спаѓаат следните:
- Тестостерон;
- Инхибитори на фосфодиестераза тип 5(PDE 5)
„силденафил“, „тадафанил“, „варденафил“
- Интракавернозни инјекции;
- „Простагладин E1“
- Интрауретрални медикаменти

Како дејствува „тадафанил“?

„Тадафанил“ помага мазните мускули во кавернозното тело да се релаксираат, што води до зголемен доток на крв во пенисот и постигнување и одржување ерекција.

Како индикација на „тадафанил“ може да ги наведуваме следните:
- Лекување на еректилна дисфункција, т.е. неспособност за постигнување и/или одржување ерекција доволна за задоволителна сексуална активност.
- Претходна сексуална стимулација е неопходна за почеток на дејствување на лекот.
- Не е индициран за употреба кај жени.

Таблетите се од 5, 10 или 20 милиграми, препорачаната дневна доза е 10 милиграми (по потреба се зголемува до максимална доза од 20 mg) еднаш на ден. Се зема по потреба, околу 1 час пред половата активност, сексуална стимулација е неопходна.
Контраиндикации и нуспојави од користење на лекот: истовремена примена на средства кои отпуштаат азотен оксид или нитрати во кој било облик; нестабилна ангина пекторис, тешка срцева инсуфициенција, хипотензија (TA помала од 90/50 mmHg), неодамнешен мозочен или срцев удар; пречувствителност на силденафил или која било помошна состојка; најчести несакани дејства: главоболка, диспепсија, болки во грбот и мускулите.

Како да се реши проблемот со еректилна дисфункција?


Еректилната дисфункција може да влијае врз секојдневниот живот и да предизвика стрес, депресија и лоши односи со партнерот/партнерката. Затоа е важно да посетите лекар и да направите тестови за да ја откриете вистинската причина за проблемот и потоа да го лекувате.

Ќе биде потребно да се направи ултразвук на пенисот, крвни тестови, да се измери нивото на тестостерон и да се направи уринарен тест и уролошки физички преглед. Исто така, потребно е да се изврши тест за ноќна тумесценција, односно тест што го мери постоењето на ноќни ерекции.
Како добра препорака за решавање на проблемот би сакал да го истакнам разговорот со психотерапевт или терапија за намалување на нивото на стрес или депресија, што понекогаш ќе помогне во третманот. Понекогаш ќе помогнат лекови за ублажување на симптомите на дисфункција и стимулирање на проток на крв во гениталиите, кои се користат околу 30 минути пред сексуалниот однос. Важно е да се нагласи дека овие лекови имаат одредени несакани ефекти и не треба да ги користат мажи што имаат срцеви проблеми или оние што користат лекови базирани на нитрати. Сличен ефект ќе има инјекција на простагландин што мажот, со претходна консултација со лекар, си ја става во пенисот 15 минути пред сексуалниот однос, а овој лек не е опасен за срцевите пациенти.
Еднакво важно со горенаведени препораки за решавање на проблемот е мажот да се обиде да промени одредени навики и да види дали состојбата се подобрува. На пример, намалете го стресот, но исто така и времето на сексуален однос. Престанувањето со пушење и консумација на алкохол исто така може да помогне.

Во оваа смисла, земајќи ги предвид сите фактори и причини, вклучувајќи го и дијагностицирањето, може да констатираме дека еректилната дисфункција може да се појави повремено и во тој случај не е причина за паника. Кога овој феномен трае долго време, потребно е да се посети лекар. Причините за неможноста да се постигне ерекција се различни и важно е да се открие вистинската причина и да се лекува.

Автор: д-р спец. Артан Рушај, хирург - уролог

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот