ХПВ-инфекциите спаѓаат во групата на STD, односно сексуално преносливи болести, кои се предизвикани од една група на вируси ХПВ - Human Papiloma Virus. Самото име кажува дека гениталните ХПВ-инфекции се пренесуваат преку сексуален однос. ХПВ-вирусите ги инфицираат кожата и мукозните мембрани на човечкото тело. Поголем дел од ХПВ-инфекциите се асимптоматски, повеќето луѓе што се инфицирани со вирусот не знаат дека го имаат, кај здрава индивидуа не манифестира симптоми. Гениталните инфекции со ХПВ-вирусот најчесто се пренесуваат преку вагинален или анален однос.
ХПВ-вирусите се група вируси во кои спаѓаат повеќе од 150 типа (од кои повеќе од 30 се сексуално преносливи). Гениталните ХПВ-инфекции се предизвикани од одредени поттипови на ХПВ-вирусот. Хуман папилома вирусот го сочинуваат повеќе типови, кои се поделени во две поголеми групи: висок ризик и низок ризик на ХПВ. Во групата на високоризични типови на ХПВ спаѓаат 19 поттипа: 16, 18, 26, 31, 33, 35, 39, 45, 51, 52, 53, 56, 58, 59, 66, 68, 69, 73, 82; Во групата на нискоризични поттипови спаѓаат: 6, 11, 40, 42, 43, 44, 54, 61, 70.
Гениталните ХПВ-инфекции може да манифестираат симптоми во зависност од поттипот на вирусот кој ја предизвикал инфекцијата. Па така, инфекциите со нискоризичната група на типови на ХПВ најчесто предизвикуваат инфекции кои се манифестираат како генитални брадавици, додека пак поттиповите на високоризичната група на ХПВ предизвикуваат инфекции на грлото на матката кои, во зависност од психо-физичката и здравствената состојба на пациентите, може да прогресираат во различен степен на инфекции на цервиксот, односно да доведат до преканцерозни лезии и инвазивен карцином на грлото на матката.
Инфекциите со нискоризичната група на ХПВ-инфекции предизвикуваат генитални брадавици во пределот на урогениталната регија. Кондиломите на изглед може да бидат како карфиол, со остри долги израстоци на таквите карфиолести структури, исто така може да бидат самостојни, најчесто се асимптоматски, безболни, со бледорозова боја.
Доколку настане инфекција со високоризичните типови на ХПВ и ако не се третира, тогаш таа инфекција може да предизвика абнормален раст на клетките на грлото на матката. Тие абнормални промени на грлото на матката се наречени ЦИН-промени на грлото на матката. ЦИН претставува цервикална интраепителијална неоплазија, овој термин означува абнормален раст на цервикалните клетки. Инфекциите на цервиксот, во зависност од зафатеноста и прогресијата на инфекцијата, се класифицирани во три градуси и тоа: ЦИН 1 (дисплазија од низок степен), ЦИН 2 (дисплазија од среден степен), ЦИН 3 (дисплазија од висок степен) и carcinoma in situ. Појавата и прогресирањето на инфекцијата зависи од многу фактори, и тоа исхраната, нездрави навики на живот, како пушењето, хиповитаминоза на витамини, како на пример, фолната киселина и витамин Б12.
Инфекциите предизвикани од ХПВ-вирусите како и ЦИН промените се асимптоматски промени, многу жени не ни знаат дека имаат инфекција со ХПВ. Абнормалните промени на грлото на матката најчесто се дијагностицираат со ПАП тест, ХПВ-типизација, колпоскопија и биопсија. ПАП-тестот и ХПВ-типизацијата претставуваат таканаречени скрининг-методи кои може да ни укажат дека постојат одредени промени на цервиксот, но не можат со сигурност да ни кажат колкав е степенот на прогресија на абнормалниот раст на цервикалните клетки. Па за да бидеме посигурни во дијагностиката и каков ќе биде текот на терапијата, потребно е да се направат дополнителни иследувања. Колпоскопијата е метода при која се користи микроскоп за да може подетално да се набљудуваат веќе настанатите промени на грлото на матката и се зема материјал од грлото на матката, се зема биопсија.
Дисплазијата од низок степен - ЦИН 1 понекогаш може спонтано да се повлече без третман. Сè уште не постои метод со кој би се предвидело дали некоја ЦИН 1 промена спонтано ќе се повлече, или пак ќе напредува текот на абнормалните промени на клетките на цервиксот и би напреднале во ЦИН 2-промени на грлото на матката, секако поттипот на ХПВ-вирусот, имунолошкиот систем на организмот, пушењето и други фактори како исхраната имаат влијание врз исходот и прогресијата на болеста.
Третманот на ЦИН-инфекциите е различен и се состои во промена на режимот на исхрана, тоа значи поголем внес на витамини. Доколку стадиумот на инфекцијата е во поодмината фаза, тогаш се пристапува кон различен начин на избор на третман на болеста. Методи на третман на ЦИН-инфекциите се следни: ласерски третман, криотерапија или смрзнување, LOOP ексцизија, конизација и хистеректомија.
Ласерскиот третман всушност е и најупотребуваниот метод со кој се третираат ЦИН-абнормалностите, на тој начин што со тенок ласерски зрак се отстрануваат променетите клетки. Ова е краткотрајна, брза и ефикасна метода, со брзо заздравување, каде што не се оштетува грлото на матката. Криотерапијата (смрзнување) е метода каде што грлото на матката се смрзнува со сонда со температури под нулата. Оштетените клетки сами со секреција се одделуваат од грлото на матката. LOOP ексцизија – со оваа постапка се отстранува дел од грлото на матката каде што имаме абнормални клетки со помош на мала жичена јамка. Конизација е процедура каде што се отстранува дел од грлото на матката во форма на конус.
Рецидивите се возможни, па затоа е потребно да се внимава на начинот на исхрана и да се прекине пушењето. Редовните гинеколошки прегледи, како и скрининг-методите, може да помогнат во раната детекција на ХПВ-инфекциите, нивен третман и спречување на понатамошна прогресија на абнормалните промени на грлото на матката.
Автор: д-р Љиљана Јовановска, спец. гинеколог-акушер
ЈЗУ Општа болница - Струга