Можете ли да замислите породување без епидурални анестезии, антибиотици, неонатална нега и лекари кои знаат дека треба убаво да ги измијат рацете пред да почне породувањето?
Според податоците на Центарот за контрола и превенција на болести, со примената на современата пренатална нега стапката на смртност кај трудниците паднала за 99 %, а кај децата за 90 %. Ве интересира ли кои се промените? Еве како некогаш се пораѓале жените:
1900 – 1910
Со оглед на тоа што во тоа време имало многу малку отворени болници, а модерната медицина штотуку почнала да се развива, мајките своите деца ги раѓале дома. Иако постоеле бабици, докторите го извршувале најголемиот дел од породувањето, а раѓањата биле сосема природни – во секоја смисла на зборот.
1910 – 1920
Како што наближувал моментот за породување, мајките имале повеќе можности за избор. Иако сè уште најголемиот број бебиња се раѓале со асистенција на лекари и бабици, во 1914 година се отворил и првиот родилен дом. Во таа година се зголемила и популарноста на контроверзната метода
Twilight Sleep, која подразбирала давање одредени дози морфиум и скопаламин на родилките. Причината била и повеќе од „добра“ – жените можеле да го преспијат целото породување. Сепак, постоел еден проблем, и тоа пресериозен – повеќето мајки и деца умирале. Во врска со овој период треба да се потенцира уште една интересна информација – 90 % од лекарите немале формално образование.
1920 – 1930
Сè уште опстојувала „популарната“ метода
Twilight Sleep, а лекарите рутински насилно го ширеле грлото од матката, потоа користеле етер во втората фаза од породувањето, вршеле епизиотомија, го извлекувале бебето со форцепс, а потоа ја извлекувале плацентата предизвикувајќи контракции со лекови. На крајот ја зашивале раната од епизиотомијата.
1930 – 1940
Со големата криза (позната и како Големата депресија), која била во полн замав, жените имале помали приходи на располагање, но со оглед на тоа што безбедноста на децата конечно дошла на прво место, речиси 75 % од породувањата се вршеле во болниците. За жал, оваа „сигурност“ значела и речиси двојно зголемување на смртноста на новороденчињата и тоа главно поради непотребните интервенции што биле извршувани при породувањето. Методата
Twilight Sleep сè уште се користела при секое породување, но жените почнале да се жалат затоа што не можеле да се сетат на ниту еден момент од породувањето.
1940 – 1950
И во текот на оваа деценија методата
Twilight Sleep сè уште била распространета, но откако доктор Грантли Дик-Ред во 1944 година ја објави својата книга „Породување без страв“, жените почнале поинаку да гледаат на тој чин, а конечно почнале да се разгледуваат и некои нови методи.
1950 – 1960
Деведесет проценти од новороденчињата доаѓале на овој свет во болниците, а исто така сè повеќе жени почнале да се жалат на озлогласената метода за успивање при породувањето. Освен тоа, во јавноста се појавиле и застрашувачки фотографии од породувањата, па конечно
Twilight Sleep како метода сè помалку се применувала. Во текот на овој период е измислен ултразвукот, но неговата употреба првенствено била наменета за проверка на здравствената состојба на детето, а не за откривање на полот.
1960 – 1970
Речиси сите породувања се извршувале во болници, а лекарите конечно можеле, со помош на новите системи, да ја следат работата на срцето на бебето при раѓањето. Антибиотиците станале стандардна терапија во постнаталната нега, па со самото тоа се намалил и процентот на смртни случаи. Жените конечно можеле да го контролираат раѓањето со помош на контрацепција, која Управата за храна и лекови ја одобрила во 1960 година.
1970 – 1980
При породувањата во болнички услови жените имале многу повеќе опции за ублажување на родилните болки и други интервенции. Методата
Twilight Sleep не се употребувала, но била заменета со други техники, како хипноза, пораѓања во вода, како и техниката
Lamaze, која на почетокот се занимавала исклучиво со техники на дишење кои на трудницата ѝ помагале полесно да ги поднесе контракциите во текот на породувањето. Ова е и деценија кога епидуралната анестезија станала многу популарна. За жал, таа ги забавувала контракциите во текот на раѓањето, па во ова време е измислен и питоцинот (лек кој се користи за предизвикување контракции).
1980 – 1990
Речиси половина жени во светот одлучувале да се породат со епидурална анестезија, а исто така подобрена била и ултразвучната дијагностика, па родителите имале можност првпат да ги чујат отчукувањата на срцето кај своето чедо и да го видат додека сè уште е во мајчиниот стомак.
1990 – 2000
Сите жени се пораѓале во болници, а конечно нивните желби биле ставени на прво место, па добиле можност самите, наместо лекарите, да одлучуваат како ќе се одвива нивното породување (се разбира, доколку здравствената состојба го дозволувала тоа). Сè повеќе се употребувала амниоцентезата, инвазивна дијагностичка анализа која утврдува присуство на хромозомски абнормалности кај бебињата пред да дојдат на свет, а исто така и утврдувањето на полот со помош на ултразвук стана рутина.
2000 – 2010
Иако и во текот на оваа деценија најголем број породувања се изведувале во болнички услови, почнал да расте бројот на мајки што одлучувале да се породат во домашни услови во присуство на лекар и акушерка. Се зголемил и бројот на царски резови, но сè повеќе истражувања сугерирале дека царскиот рез не би требало да биде избор, доколку не е неопходно. Меѓутоа, првпат се зголемила смртноста на мајки во овој период. Иако станува збор за многу мал пораст (13 смртни случаи на 100.000 жени во 2004 година), податоците ги загрижиле и лекарите и жените, а истражувачите за овој тренд ја обвиниле дебелината, но и царскиот рез.
2010 до денес
Популарноста на
породувањето во домашни услови е сè поголема, а иако на жените денес им се достапни многу постапки што го олеснуваат породувањето, повеќето преферираат целосно природно пораѓање, без епидурална анестезија и други интервенции.