Не е пријатно кога наутро се будите со болки во целото тело. Докторите посочуваат дека не постои магичен лек за утринската вкочанетост и болките. Тие најчесто брзо минуваат, но во некои случаи може да траат и повеќе од еден час.
Според српскиот специјалист по физикална медицина и рехабилитација Пеѓа Живановиќ, нема магична терапија која може да ви помогне брзо да го решите проблемите.
- Не треба да се трошат време, пари и нерви на вакви работи. Едноставно, мора да се разбере дека адекватната физичка активност, здравата исхрана и работата на себе, во психолошка смисла, се наша потреба. Експертите се тука да ни го олеснат почетокот на тој процес, а не да нѐ свртат од вистинскиот пат со погрешни совети - објаснил Живановиќ за „Еклиника“.
Утринските болки најчесто се поврзуваат со дегенеративни болести на зглобовите, односно трошењето на 'рскавицата и осификација на зглобовите.
- Директни виновници за тоа се благите воспаленија на слузокожата околу внатрешноста на зглобовите, како и воспалението на околното меко ткиво, односно тетивите и лигаментите околу зглобовите - објаснува Живановиќ.
Освен тоа, утринските болки во грбот може да укажуваат и на дискус хернија, а во поретки случаи причини се болести кои вклучуваат поголеми воспаленија на зглобовите или хронични дегенеративни заболувања.
Кога да се побара лекарска помош?
Доколку болките и вкочанетоста се јавуваат заедно со оток и црвенило кои траат подолго од три дена или се повторуваат, треба да се побара лекарска помош.
Промена на навиките
Во голема мера главни виновници за овие болки се некои животни навики, како долго седење, вишок килограми, слаба физичка активност и постојан стрес.
- Долготрајното седење и недостигот на физичка активност ги ослабуваат околните мускули кои им обезбедуваат стабилност на зглобовите и на 'рбетот, а дополнително предизвикуваат слаба циркулација на крвта и оштетена исхрана на 'рскавицата. Стресот доведува до мускулна напнатост, што ја нарушува биомеханиката на зглобовите и на 'рбетот, а попатно доведува до зголемена желба за храна. Доказ за тоа колку дебелината влијае врз здравјето на зглобовите е фактот што намалувањето на телесната тежина за 5 проценти го намалува интензитетот на болката во колената. Нездравата исхрана, освен до дебелеење, доведува и до прекумерно внесување разни токсини кои ги има во изобилство во индустриската храна. Сето тоа преку крвта се шири до зглобовите и го нарушува нивното здравје - објаснува Живановиќ.
За намалување на болките, тој советува пешачење, кое ги придвижува речиси сите мускули и зглобови во телото. Освен тоа, се препорачува спиење настрана, на потврд душек кој ќе спречи искривување на грбот, додека горниот слој од душекот треба да биде направен од мемориска пена што ќе ги следи контурите на телото.
Извор:
Eklinika
Насловна фотографија: Freepik