03.01.2024
Живот
Во велешката болница во 2023 се родиле 89 бебиња помалку споредено со 2022 година
На Одделението за гинекологија и акушерство при ЈЗУ Општа болница во Велес во 2023 година се родиле вкупно 294 бебиња, од кои 138 се женски, а 156 машки. Споредено со претходната 2022, кога се родиле вкупно 383 бебиња, лани биле за 89 помалку, со што трендот на опаѓање на наталитетот продолжува, што е особено изразено во последниве десетина години, информира за МИА д-р Ѓорѓи Николов, специјалист гинеколог, началник на ова одделениe. Тој смета дека четири фактори придонеле за намалување на вкупниот број на раѓања во ова одделение на велешката Општа болница.
- Главниот е миграцијата, но не не треба да се занемарат и споредните причини како што се помалку склопени бракови, потоа околу 80 породувања кои се извршени на скопска Клиника за гинекологија и акушерство или во останати приватни болници во Скопје и на територијата на државата. Младите мајки користат приватни осигурувања кои им овозможуваат породување во приватни болници. Сѐ ова влијае врз намалувањето на бројот на породувања во велешката болница. Тоа, за жал, не е случај само во велешката болница, туку и во останатите јавни здравствени установи во градовите во внатрешноста на земјава - потенцира д-р Николов.
За споредба, во 2021 година на оваа одделение при велешката Општа болница се родиле 396 бебиња, што споредено со 2020, кога биле 380, е помалку за 16 бебиња. Во 2019 година биле 473, а 2018 биле 505, во 2017 биле родени 649 а во 2016 година 651 бебе. Ако може воопшто и да се спореди, на ова одделение при велешката ЈЗУ Општа болница пред 30-ина години се раѓале во просек околу 1.500 новороденчиња годишно.
Инаку, на ова одделение сѐ уште се нема родено првото бебе во новата 2024. Во последната недела од старата 2023 година се родиле осум бебиња, заклучно со 30 декември.
Фото: МИА