X
 31.03.2023 Живот

Дефектологот и родителот се сојузници во училиштето за деца со попречености „Маца Овчарова“, кое одбележа 50 години од постоењето

Почитувањето на триаголникот родител-ученик-дефектолог, односно сојузништвото на наставникот со родителите е основната водилка во професионалната работа на Основното училиште за деца со попречености „Маца Овчарова“ од Велес, кое одбележува јубилеј од пет децении работа.

Ова училиште е едно од петте посебни основни училишта во Македонија кое од пред две години е и Ресурсен центар одговорен за спроведување на процесот на инклузија во 31 училиште од 11 општини од повардарскиот и во источниот дел на Македонија. Училиштето е основано во 1973 година, со 11 наставници и 173 ученици со лесен вид попречености. Во моментов во училиштето учат 47 ученици, додека 106 се опфатени со образовна асистенција, за кои се ангажирани 96 образовни асистенти, обучени и вработени во „Маца Овчарова“.



- Темелите на работата со децата со попреченост не почнуваат од денеска, туку од многу поодамна, 50 години наназад. Уште тогаш се размислувало за едукација на сите лица, не само на лицата со типичен развој. Ние сме едно од петте такви училишта во Македонија, каде што во првите денови од историјата се образоваат само луѓе со лесни пречки во развојот. Но, во овие 50 години претрпевме трансформации и денес ги едуцираме сите ученици што имаат тешкотии во својот развој. Од пред две години сме Ресурсен центар, односно училиште што го раководи целиот процес на инклузија. Кај нас се вработуваат образовните асистенти за редовните училишта, учествуваме во секој инклузивен тим на училиштата. Во последните две години инклузијата е организирана, систематизирана и со заложба на МОН основните посебни училишта како „Маца Овчарова“ добија можност да го водат процесот затоа што беа кадровски спремни и искусни - истакна директорката на училиштето, м-р Мирјана Петрушевска.



Клучот на целата приказна на ова училиште, според Петрушевска, е персоналот кој е составен од професионалци кои, освен формалното образование, поседуваат искуство кое се пренесува од постарите колеги со генерации.

- Она што е многу важно е дека го почитуваме триаголникот родител-ученик-дефектолог, така што наши сојузници во оваа борба се родителите затоа што тие најдобро го знаат своето дете. Тоа е нагласено во работата кај специјалните едукатори и тој партнерски однос дава резултати. Наша цел е да го искористиме максимумот што го имаат во себе овие деца. Кога ќе ги запознаеме дечињата на шест години, прво се трудиме да ги адаптираме на училишната средина, а потоа се трудиме да ги описмениме и да ги вклучиме во надворешниот свет. Нашите ученици почнуваат да посетуваат и одредени слободни активности, што не беше случај во минатото. Соработуваме со балетско студио од Велес, со фолклорно друштво и со музичкото училиште од Велес, кое исто така е основно. Децата можат да учат балет, фолклор, музика. И нашите ученици се талентирани и таму можат многу да дадат - откри директорката Петрушевска.



Од 2010 година, на сопствена иницијатива, училиштето им помага на училишта со деца со типичен развој, а од пред две години им нуди и третман на учениците од редовните училишта, како што се логопедски третман и сензорна терапија, кои до неодамна беа голем трошок за родителите. Сега овие трошоци се на товар на државата.

Иако со промената на Законот за основно образование се отвори нова програма за финансирање преку која овие училишта имаат посебни средства наменети за инклузијата, „Маца Овчарова“ од Велес самоиницијативно се обраќа до фирми кои се општествено одговорни за донации.



- Морам да ја пофалам соработката што ја имаме со локалната средина и бизнис-заедницата. Голем дел од нашите ученици се вработуваат во фирми од градот и тука ние сме посредници. На тие заштитни работилници државата им дава еднократна помош, а ако фирмата се регистрира како заштитна, се ослободува од придонеси. Ние им помагаме да најдат работници, откако нашите ученици ќе го завршат средното училиште во Штип или во Скопје - објасни Петрушевска.

Колку ќе успеат децата во надворешниот свет, не зависи само од нив и од специјалните едукатори во училиштето, туку и од средината, од тоа колку таа ја прифаќа инклузивноста.

- На компаниите често им објаснуваме кои се нивните квалитети, позитивни и негативни страни кои ги немаат само луѓето со посебни потребни, туку и сите ние. Останува моментот каде што не се баш прифатени од целото општество затоа што нашето општество не е доволно инклузивна средина. Тоа е нешто на што многу треба да се работи. Ние како општество не дискриминираме само врз основа на попреченост, туку и по други основи. Но, полека почнуваме да стануваме инклузивни и тоа е целта на сите нас - порача директорката Мирјана Петрушевска.



По повод 50 години од постоење на училиштето беше промовирана и монографијата „50 години раст и развој низ лавиринтот на детскиот свет“, која ја подготви Соња Гаврилова, психолог во училиштето, а учениците имаа изложба на рачни изработки во Велешкиот театар.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот