X
 03.01.2025 Технологија

„Мета“ сака да ги наполни социјалните мрежи со ботови генерирани од вештачка интелигенција

Бројот на фејсбук-корисници надмина 3 милијарди, а наскоро може да очекуваме овој број повторно да се зголемува со голема брзина, но наместо да се вистински луѓе, „Мета“ планира тоа да бидат ботови.

Познато е дека оваа компанија вложува многу пари во развојот на вештачка интелигенција, а еден од производите што компанијата ги развива е сервис што на корисниците може да им помогне да создаваат ботови на вештачка интелигенција. Овие ботови би можеле да ги користат самите корисници што ги создале и да бидат независно активни на тие мрежи, што значи дека би можеле да комуницираат не само со други ботови, туку и со вистински корисници.

Конор Хејс, потпретседател за генеративна вештачка интелигенција во „Мета“, објаснува дека овие ботови еден ден би можеле да постојат на мрежата како класични кориснички профили. Тие би имале лажна биографија и лажни фотографии на профилот, создадени од вештачката интелигенција, а содржината што ќе ја споделуваат ќе биде дело на вештачката интелигенција.

Една од целите на воведувањето ботови со вештачка интелигенција е да се зголеми активноста и ангажираноста на сите корисници, а „Мета“ смета дека со ова би можеле да привлечат млади корисници кои не го користат „Фејсбук“ и своето онлајн време го поминуваат претежно во виртуелните светови на „Тик-ток“, „Снепчет“ и „Инстаграм“. Вештачката интелигенција, односно нејзината имплементација во производите и услугите на „Мета“, е приоритет на оваа компанија, каде што се надеваат дека со помош на вештачката интелигенција ќе го зголемат ангажманот на корисниците, но и дека нивните социјални мрежи ќе станат позабавни и поинтересни за самите корисници.

Се разбира, голем дел од корисниците не се воодушевени од оваа објава, а многумина сметаат дека такво нешто нема никаква смисла - која е користа од ботовите да ги прегледуваат и лајкнуваат нивните објави и фотографии. Некои сметаат дека една од причините поради кои „Мета“ се одлучила на ваков чекор е тоа што некои корисници ги напуштаат нејзините социјални мрежи со текот на времето, па компанијата одлучила тој празен простор да го пополни со непостојни луѓе. Други се прашуваат како таквата одлука ќе влијае врз рекламирањето бидејќи некој што платил пари за прикажување реклама или објава не знае дали неговата објава ја видела вистинска личност или некој бот.

За оние што и онака малку го користат „Фејсбук“, ова е само уште една причина целосно да ја напуштат оваа социјална мрежа, а ќе биде интересно да се види како вистинските корисници ќе реагираат на овој потег на „Мета“ и дали ботовите ќе го зголемат ангажманот на корисниците.

Извор: Techspot.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија