Замислете студент кој пристигнува на предавање во автономно возило, повторува пред испит од белешки што ги чита на внатрешната страна од шофершајбната и обликува 3Д-холографски модел за проект по архитектура. Ова можеби звучи како научна фантастика, но сценариото е засновано на технологија која веќе е во развој.
Местото е „Сендбокс колаборатив“, одделот за иновации на Универзитетот во Јужен Њу Хемпшир. Ова е едно од местата каде што експертите тестираат нови идеи кои ќе ја обликуваат иднината на високото образование, притоа користејќи секакви технологии, од блокчејн до вештачка интелигенција. Станува збор за иднина во која студентите ќе учат јазици со помош на виртуелна реалност, а нивните прашања ќе бидат одговорени во секој момент од страна на роботи-помошници. Можностите за напредување во ваква иднина се огромни.
Универзитетите не се менувале долго време, но со новите барања на работодавците, а и студентите, особено со доаѓањето на генерацијата Z, расте потребата за промени. Некои универзитети во САД почнале да отвораат лаборатории за подобрување на учењето на студентите. Освен тоа, американските образовни установи почесто вработуваат експерти во областа на дигиталните науки или иновации.
Фото: Pixabay
Технолошкиот институт во Масачусетс има мултимилионерски фонд за експерименти поврзани со иновациите во предавањето. Некои универзитети соработуваат на такви идеи во групи креирајќи коалиции на академски лаборатории за иновации. Како резултат, одредени концепти веќе се тестираат на некои американски универзитети.
Плаќање со претплата
Во иднина би можел да се смени начинот на кој ги плаќаат студиите. Наместо да се запишуваат на факултет, тие би можеле да се претплатуваат за одредена месечна сума и да слушаат онолку предмети колку што сакаат. Технолошкиот институт во Џорџија е еден од универзитетите што веќе размислуваат за овој модел. Месечното плаќање би ги охрабрило студентите побргу да учат за да го завршат студирањето.
Професорот е робот
„Џорџија тек“ експериментира со виртуелен асистент наречен Џил Вотсон. Станува збор за робот кој одговара на прашања во форум заедно со вистински асистенти. Универзитетот С.Н.Х.У. тестира оценување со помош на вештачка интелигенција. Од друга страна, државниот универзитет во Аризона користи вештачка интелигенција за да препознае проблеми со кои се соочуваат студентите.
Фото: Pixabay
Студентите на Политехничкиот институт „Ренселер“ виртуелно патуваат во Кина за да учат мандарински разговарајќи со аватари кои препознаваат и знаци и изрази. Студентите што учеле на овој начин го совладала мандаринскиот јазик двојно побргу од другите.
Индекси со вештини
Забележувањето на успехот на студентите, исто така, ќе се промени. Универзитетите во САД моментално се натпреваруваат кој ќе го понуди новото решение што подетално ќе ги покажува знаењата со кои се стекнале студентите. Едно решение што се предлага вклучува наведување на специфични вештини кои ги научиле студентите наместо името на предметите. Со ваквите индекси работодавците полесно би можеле да видат дали студентите ги имаат вештините што им се потребни.
Автор: Џон Маркус
Извор:
Nytimes.com