X
 03.03.2020 Живот

Дански трик - „шок“ на телото за да бидат посреќни

Студено, ветровито попладне во северниот дел на Јитланд во Данска, но локалните жители не се плашат од вакво време. Луѓе, облечени во бели бањарки, решително маршираат до брегот, каде што ги соблекуваат бањарките и скокаат во морето.

На 15 степени, на многумина од нас би им било студено да одат на пливање, но за Данците оваа температура е пријатна, и покрај тоа што водата во морето изнесува 2 степена.

- Во овој период од зимската сезона има многу луѓе - вели Кира Мари Фрода, која работи во „Копенхот“, прекрасно место со сауни и топли кади на пристаништето во Копенхаген.

Во текот на месеците кога има многу луѓе, од ноември до февруари, жителите на Копенхаген се упатуваат во „Копенхот“, каде што се капат во топлите кади, студениот океан или се одлучуваат за ледена бања (буквално полна со мраз). Иако „Копенхот“ е новина, зимското капење и употребата на сауни низ Скандинавија не е.

- Ова го практикуваме со генерации. Го правеле и мојот прадедо и мојот дедо - вели Фрода.

Многу Скандинавци веруваат дека зимското пливање е подобрувач на расположението во текот на долгите, темни зими. Иако науката во врска со ова тврдење е оскудна, ентузијастите велат дека пливањето во студена вода не само што ја зголемува среќата туку и го поттикнува чувството на заедница.

Постојат околу 90 официјални клубови за зимско пливање низ Данска, со над 20.000 регистрирани членови. Микел Фалк Молер е член повеќе од 10 години. Тој еднаш неделно плива во морето близу неговиот дом во Копенхаген, или во неговиот клуб за зимско пливање.

1
Фото: CopenHot

- Данска може да е мизерна во периодот од ноември до април. Речиси нема дневна светлина и честопати со недели не го гледаме сонцето. Многу луѓе, вклучувајќи ме и мене, страдаме од зимска депресија. Кога ќе се впуштите во студените води, а потоа во топла сауна, тоа ви дава енергија и огромен удар на ендорфин - вели тој.

Некои компании ја вклучија активности во нивните спа-пакети. Во „Курхотел Скодсборг“, спа-хотел близу Копенхаген, едно од велнес-искуствата што се нудат е „саунга гус“ каде што гостите поминуваат време во топла сауна, проследено со нурнување во блиското Балтичко Море, чија температура е 4 степени.

- Секогаш им препорачувам да си го слушаат телото и да почнат со кратко пливање околу 10 до 30 секунди. Откако нивното тело ќе се навикне, препорачувам да останат во вода околу 2 минути за да имаат придобивка - вели Хенрик Б. Соренсен, „сауна гус“ мајстор, кој ги надгледува пливањата.

Не постојат обемни научни истражувања за придобивките од зимското капење, но постојат некои прелиминарни истражувања.

Мајк Типтон, професор по човечка и применета психологија на Универзитетот во Портсмут, Велика Британија, е заинтересиран за тоа како човечкото тело реагира на екстремни средини. Тој е коавтор на истражувањето од 2017 година кое ги проценува заканите и придобивките од нурнувањето во студена вода. Заканите биле јасни: физиолошките реакции може да бидат различни во зависност од температурата и времето поминато во студената вода - од ненадеен срцев удар, до хипотермија и давење.

2
Фото: CopenHot

Што со придобивките? Нурнувањето во студена вода може да биде исклучително енергично искуство за телото - шокот од студената вода ги поттикнува инстинктите да се борат, додека телото се ослободува од хормоните на стресот.

Многу Данци велат дека пливањето во студена вода го подобрува нивниот ментален поглед. Но, д-р Хедер Меси, постар предавач на Универзитетот во Портсмут, вели:
- Истражувањата допрва треба да се испитаат.

Типтон се согласува, велејќи дека недостигот на конкретни докази значи дека потопувањето во студена вода е добро за вас.

- Она што недостига се контролирани истражувања што вклучуваат соодветни контроли групи - вели тој.

Но, и покрај недостигот на научни истражувања, Данците се убедени во придобивките.

31-годишниот Стивен Хар најмалку еднаш неделно плива во пристаништето во Копенхаген.

- Ми го подобрува умот, особено кога имам долг ден на работа или имам мамурлак. Секогаш се чувствувам попозитивно по пливање во студена вода - вели тој.

За други, пак, активноста е нешто што ги спојува во денешниот свет на паметни телефони и компјутери, а за трети е начин да најдат алтернатива на природниот ендорфин што се добива од сонцето.

Извор: ВВС
Насловна фотографија: Rasmus Hjortshoj
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот