Жалења? Ќе имате неколку. „Жалам што немав повеќе секс“, воздивна славно писателот сер Џон Бетџеман пред крајот на животот навестувајќи така дека дури и најуспешните луѓе мора да се соочат со јазот - со Големиот кањон, со зјапачката бездна, со светлосните години - меѓу животот кој го живееле и животот кој всушност сакале да го живеат. Кога конечно ќе дојде крајот, никоj не е оптимистичен како Синатра во „My Way“. Поверојатно е да се беснее бидејќи светлото се гаси, да се проколнува поради патеките по кои не тргнал и - после сѐ - да жали што немал повеќе секс.
Во својата книга „Пет најголеми каења на оние што умираат“ австралиската медицинска сестра Брони Вер, која со години негувала смртоносно болни луѓе, пишува: „Луѓето созреваат кога ќе се соочат со сопствената смртност и некои промени се огромни. Сите доживуваат разни чувства... негирање, страв, бес, каење, уште негирања и со текот на времето прифаќање. На прашањата за што жалат или што би направиле поинаку, секогаш се повторуваат исти теми“.
Сестрата Вер додава дека мажите на смртната постела најмногу жалат што премногу време посветиле на работата и кариерата, а премалку на саканите. Пречесто работата ни е поважна од нашите крв и месо. Но, жалењата не завршуваат тука. Оваа книга е литанија за пропуштените шанси, изгубените моменти, неизречените длабоки чувства. Криво ни е што сме се оддалечиле од старите пријатели, жалиме што никогаш не сме собрале храброст да живееме онака како што сме сакале, а не онака како што се очекувало од нас.
Додека сестрите нежно ги исклучуваат апаратите, најверојатно ќе се пцуеме што не сме ги отфрлиле старите штетни навики и не сме ја прегрнале вистинската среќа. Има ли нешто полошо отколку да се оплакуваат сите оние прекраснотии што не сме стасале да ги направиме? Само ова: жалењето за сите глупости што сме ги направиле.
Новите истражувања покажуваат дека просечен маж во текот на животот носи шест ужасни одлуки, шест ужасни погрешни свртувања кои до крајот на животот се обидува да ги поправи. Шест лоши потези кои не предизвикаат само понекој убод на каење на смртната постела, туку живот полн со болка, товари од жалење кои ги влечеме в гроб.
Само шест? Ах, станува збор за вистинско каење поради скапани одлуки. Не станува збор за малку тажни воздишки поради патиштата по кои не сме тргнале. Ова се огромни глупави одлуки кои нѐ демнат со години, некогаш засекогаш. На крајот излегува дека поради нив, жалиме многу повеќе отколку поради тоа што не сме ѝ кажале на девојката што чувствуваме или поради тоа што сме изгубиле контакт со старите другари. Има каење поради лошите одлуки што го изобличуваат целиот живот.
Да се разбереме - лоша одлука не е сексуална авантура на службен пат, премногу засрамувачки говор на свадба или повраќање на службен појадок. Овие шест одлуки не се оние поради кои сме се срамеле, сме се понижиле или сме се изневериле самите себе. Лоша одлука се однесува само за големи прашања. Сите имаме лични рекорди во глупости, оние важни моменти кога мораме да донесеме важна одлука и неизмерно промашуваме, а тие речиси секогаш се однесуваат на исти прашања.
Поточно кажано, тие одлуки се однесуваат на прашањата со кого ќе го делиме животот, каде ќе работиме, каде ќе живееме, што ќе внесеме во себе и, пред сѐ, се однесуваат на жените. Жените што сме ги оставиле, а требало да не ги пуштаме од рака, жените што сме ги примиле во топлата прегратка, а требало да бегаме од нив во спротивен правец. Пловиме низ годините, но повремено мораме да донесеме голема одлука. А понекогаш - шестпати, велат истражувачите - грешиме.
Можете ли да ги препознаете своите лоши одлуки? Кога и да се осврнам на својот живот, утврдив, моите лоши одлуки се креваат на задните нозе и ми мавтаат. За жал, не можам да ги промашам. Училиштето го напуштив на 16 години - навистина глупаво. Земав премногу дрога во 20-тите години од животот - каде ми беше паметот? Мојот прв брак - каква катастрофа. Селењето од Лондон кога ми се роди ќерката - а сфатив дека тоа е грешка пред да заминат работниците што нѐ селеа.
Кога ќе дојде мојот час, несомнено ќе почувствувам неколку убоди од замислена меланхолија. Но, тоа што никогаш не го посетив Таџ Махал, на пример, ќе биде помалку важно од верижниот судир од мојот прв брак. Помалку ќе жалам поради тоа што никогаш не ја прочитав „Господар на прстените“ отколку поради тоа што го напуштив училиштето или поради тоа што шмркав бел прав во кој лесно можеше да има отров за глувци.
„Оженете се прво со својата втора сопруга“, вели една стара мудрост навестувајќи дека всушност не жалиме поради неостварените соништа, туку поради неостварената среќа, поради крајно погрешните свртувања, поради лошите одлуки со кои сме морале да живееме во текот на следните 50 години. А потоа еден ден ќе се свртите и ќе речете: „Како, по ѓаволите, сум можел да бидам толку глупав?“ На крајот од патот знаеме сѐ.
Сите мои лоши одлуки - напуштањето на училиштето, дрогата, мојот прв брак, заминувањето од Лондон - во свое време се чинеа сјајни. Што е поважно - многу поважно - имаше други можности. Првата новинарска работа ја добив во списанието „НМЕ“, во кое голтањето огромни количини супстанции за промена на свеста се сметаше за нормално и - додека пријателите не почнаа да ми умираат - крајно забавно. Зошто би рекол не? Се оженив со својата прва сопруга бидејќи ми беше најдобар пријател и бидејќи ја сакав. А 20 години подоцна со новата фамилија се иселив од Лондон бидејќи во предградието можевме да живееме во голема куќа со базен и будалесто верувавме дека тоа ќе нѐ усреќи.
Последиците од своите погрешни одлуки не морав да ги чекам 50 години. Набрзо се прикажаа планините од јад предизвикани од тие глупави одлуки. Штом го напуштив училиштето, заглавив на слабо платена напорна работа. Додека сѐ уште се запознавав со дрогата, луѓето на сите страни се давеа во кади. Прв брак, селење од Лондон - наскоро се покажа дека тука нема среќен крај.
Се смета дека 28-годишна возраст е најдобра доба за најлошите одлуки - брак со погрешна жена, прифаќање на погрешната работа, оставање на вистинската работа, селење во погрешен град, ноќ помината во погрешен кревет, внесување нешто во телото поради забава и сите останати глупости што ги правиме. Но, таквите одвратни одлуки не ги носат само младите.
Гледам рок-ѕвезди од 70 и нешто години како ги цупкаат своите новороденчиња на артритичните колена, деца кои нема да стасаат до полнолетството додека сенилната рок-ѕвезда не наполни 90 или не почине. Има ли полоши одлуки отколку да донесете на овој свет дете кое нема да стасате да го одгледувате?
Па, сепак, под извесни околности - дупло помлада жена, доволно пари во банка, суетна машкост - сите сме доволно глупави да постапиме исто. Мажот никогаш не е престар да донесе разорно лоша животна одлука.
А повторно, каков би бил мојот живот да не ги донесев тие лоши одлуки? Да останев на училиште? Да ѝ кажев „не“ на дрогата? Да ја заобиколев првата сопруга? Никогаш да не си заминев од Лондон? Тешко е сообраќајната несреќа да се прикаже во добро светло, но неизбежен е фактот дека сите мои лоши одлуки на крајот сепак носеа добро. Поттикнаа просветлување.
Со напуштањето на училиштето на 16 години се зацврстив. Тешките години на лоша работа ме научија како да преживеам и ми го зајакнаа 'рбетот. Да не земав толку многу дрога - и да не видев дека дрогата уништува многу драги луѓе - јас не би поминувал толку многу време во сала за вежбање. Краткотрајниот живот во предградието ми покажа дека сум градско дете. И ништо не влијае поповолно врз добар втор брак како лош прв брак.
Мудроста мора да се заработи. Искуството доаѓа со лузните. А за среќата мора да се бориме. Не само што вистинското и трајно добро може да произлезе од погрешни одлуки, туку сурова вистина е дека тие погрешни одлуки се единственото нешто што може да изроди добро.
Во одреден момент ќе ја оставите жената достојна за вашата љубов и ќе ја сакате жената која требало да ја избегнете. Ќе ја напуштите работата затоа што ви е повредена гордоста, затоа што никој не ја забележува вашата дарба и не го цени вашиот труд, а би требало да останете и да се борите за себе. Ќе бидете невнимателни со вашето здравје, премногу лекомислени во врска со вашето срце. Никој не може да ги научи овие лекции наместо вас. По патот кон тешко стекнатата мудрост што се раѓа само од горчливо искуство секој маж мора да оди сам.
Грешките ги правиме сами, но тоа се грешки својствени за повеќето мажи. Ќе правите сопствени грешки, но нема многу да се разликуваат од моите грешки. Тоа ќе бидат грешки во врска со работата и жените, дрогата и алкохолот, со тоа кога заминувате, а кога останувате. А кога тешко ќе погрешите, кога ќе ја донесете таа лоша одлука, тоа ќе ве пече со години.
Но, нема да ја добиете работата од соништата ако некаде попатно не ве отпуштат од некоја работа на која тапкате в место. Нема да ја најдете вистинската љубов без силни лоши врски. Морате да живеете во вистинските дупки пред да сфатите во која куќа, населба и земја сакате да го поминете остатокот од животот. Нема среќен крај без погрешни одлуки. А само на грешки се учи.
Носиме погрешни одлуки за важни прашања. Погрешна жена, погрешна дрога, погрешна работа. Правиме грешки што ни го менуваат животот, се обидуваат да нѐ закопаат, предизвикуваат неизречив јад, ни нанесуваат рани кои ги носиме доживотно. Но, добрата вест е што сето тоа може да се поправи. Некогаш закрепнуваме. Некогаш само отползуваме од местото на несреќата - од лошиот брак, од никаквата работа, од зависностите. А потоа продолжуваме понатаму, со посилно срце и побистри очи. Единствените навистина лоши одлуки се оние од кои не сме научиле ништо.