X
 03.03.2020 Наука

Половина од песочните плажи може да исчезнат до 2100 година

Климатските промени и зголемувањето на нивото на морето се на пат до 2100 година да збришат половина од песочните плажи во светот, предупредуваат истражувачите.

Дури и ако човештвото остро го намали загадувањето со фосилни горива, кое предизвикува глобално затоплување, повеќе од една третина од песочните крајбрежја на планетата би можеле да исчезнат дотогаш, парализирајќи го крајбрежниот туризам во многу земји, напишаа тие во списанието „Нејчр клајмат чејнџ“.

- Освен што служат за туризам, песочните плажи често се и првата линија на одбрана од бури и поплавување и без нив влијанието на екстремните временски настани веројатно ќе биде поголемо - истакна Михалис Вусдукас, истражувач во Истражувачкиот центар при Европската комисија.

Тој додаде дека мораме да се подготвиме.

Некои земји, како САД, веќе планираат екстензивни одбранбени системи, но во повеќето земји такви масивни инженерски шеми ќе бидат неизводливи, недостапни или и двете.

Според резултатите, Австралија може да биде најтешко погодена. Таму во текот на следните 80 години може да бидат збришани речиси 15.000 километри плажи. Потоа следуваат Канада, Чиле и САД.

Во 10. земји за кои се претпоставува дека ќе загубат најмногу песочни плажи се и Мексико, Кина, Русија, Аргентина, Индија и Бразил.

Песочните плажи зафаќаат повеќе од една третина од глобалните крајбрежја, често во многу населени места. Но, новите конструкции, зголемувањето на нивото на морето, поплави предизвикани од урагани или тајфуни и редуциран седимент од реките на кои се изградени брани ги еродираат овие крајбрежја.

За да оценат колку брзо и до кој степен може да исчезнат плажите, Вусдукас и неговите колеги проектирале тренд-линии за три децении сателитски снимки кои датираат од 1984 година.

Оттаму тие предвиделе идни ерозии според две сценарија на климатски промени.

Според најлошото, емисијата на штетни гасови ќе продолжи со несмалена жестина, а според помалку страшното, човештвото ќе го ограничи глобалното затоплување на 3 Целзиусови степени. Во најлошото сценарио до 2100 година ќе исчезнат 49,5 отсто од песочните плажи, односно околу 132.000 километри крајбрежје. Во вториот случај ќе бидат засегнати плажи во должина од 95.000 километри.

Извор: Science alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука