Амир Муезин од Сараево, кој е лице со слаб вид, уште од најрана возраст е вљубеник во книгата. Денес, тој е сопственик на дигитална библиотека со повеќе од 1.800 наслови, а сите книги сам ги дигитализирал. Освен љубовта кон книгите, дополнителен мотив му бил да ги спаси од исчезнување.
„Љубовта кон спасувањето книги во мене се роди на почетокот на војната во Сараево, кога видов колку книги беа уништени на едно место. После тоа добив добар скенер на подарок и така почнав да ја создавам мојата библиотека“, вели Муезин.
Тој наведува дека најпрво ги скенирал своите книги, а потоа почнал да собира и други. Добивал многу наслови за подарок, а на шега вели дека во својата колекција има книги од Аристотел до детски сликовници.
„Знаев да одам во некоја библиотека и да замолам да ми позајмат некоја книга, а како залог им го нудев мојот мобилен телефон. Сè што правам, правам исклучиво од љубов, ги сакам книгите и новите технологии, па сето тоа го споив како мое хоби“, истакнува тој.
На неговите дигитални полици се наоѓаат и многу закони, сликовници, но и буквари.
Како лице со слаб вид, тој не е во состојба да ги чита дигитализираните книги, освен кога се приспособени и професионално обработени.
Посакува градот Сараево да направи современа и опремена дигитална читална, која ќе биде приспособена и за слепи лица. Во тој случај, вели тој, би им ја подарил целата собрана колекција што ја поседува.
Запрашан за мислење околу авторските права, тој додава: „Ги почитувам авторските права, немам услови книгите да ги архивирам на микрофилм, затоа и тие остануваат во мојата приватна
библиотека. Заради страв од можни злоупотреби, мојот компјутер никогаш не ми е поврзан на интернет“.