По седуммесечното патување до Црвената Планета и седумминутното слетување, роверот „Персевиренс“ конечно се најде на површината на Марс. Возбудата ќе трае додека роверот е „жив и здрав“.
Во тимот на НАСА беше и Србинката Драгана Перковиќ Мартин, која беше дел од одговорните за радарските системи.
- Мојот тим беше задолжен за правење радар што произведува податоци за брзината на движењето на возилото до површината на Марс и растојанието на возилото од површината на планетата. Ние учествувавме во тие седум минути ужас. Јас го водев тимот како еден од систем-инженерите што беа одговорни за тоа како функционира радарот за време на слетувањето - објаснува Драгана.
На роверот, кој се наоѓа во кратерот Језеро, повеќе не му е потребен радарот на кој Драгана работела повеќе од осум години. По слетувањето радарот полетал и се срушил недалеку од роверот. Неговиот живот тогаш завршил.
- Роверот останува без радар за спуштање, иако има уште еден радар на кој ќе продолжи да произведува научни податоци - истакнува Драгана.
- Тимот за инженерство на ровери проверува дали сите инструменти на роверот и неговите компјутери се во ред. Досега роверот не испрати некои значајни научни податоци, но ни испрати прекрасна панорама која беше фотографирана при проверките на една од главните камери на роверот - вели Драгана.
Според неа, на
Марс е толку студено, што не може да постои течна вода. Температурата е многу ниска и се движи околу -60 степени. Токму поради ваквите временски услови, и инструментите и роверите мора да бидат опремени така што ќе бидат отпорни на екстремен студ.
Радиосигналот патува од Марс до Земјата за 700 секунди, што е околу 12 минути. Една од главните цели на роверот е да помине низ кратерот, да бара места каде што може да види интересни карпи.
- Луѓето на Земјата ќе одлучат кои карпи се важни. Роверот нема да ископа една, туку повеќе дупки. Кога луѓето на Земјата ќе одлучат дека нешто е интересен примерок, тој ќе биде процесиран во роверот за да се види од што се состои. Некои од тие примероци ќе бидат ставени во цевки за следната мисија што ќе дојде да ги собере и потоа да ги лансира назад на Земјата, но ќе мораме да почекаме за тоа - вели Драгана.
Мисијата треба да трае две марсовски години, што е малку повеќе од две наши години. Судејќи според тоа како „Кјуриосити“ и понатаму работи, може да се очекува роверот кој штотуку пристигна на Марс да биде таму подолго од две години.
- Атмосферата на Марс е многу потенка отколку нашата и тоа е најголемиот предизвик кога станува збор за слетување на Марс. Работите што морав да ги научам можеби не се толку обемни што се однесува до Марс, но моравме да научиме како да се справиме со таа атмосфера, како да создадеме секвенца што ќе трае седум минути и која ќе биде целосно автоматска - кога ќе почне слетувањето, луѓето од Земјата само да ги набљудуваат податоците што се испраќаат од Марс - вели Драгана.
Ова е петти ровер што НАСА го спушта на Марс. Експертите секојпат учат нешто ново и го користат тоа знаење во следната мисија што треба да слета на Црвената Планета.
Првото друштво на „Персевиренс“ е хеликоптерот, кој се наоѓаше под роверот.
- Ова ќе биде првпат некоја вселенска агенција да се обиде да полета, да подигне вселенско летало на друга планета. Никогаш не го пробавме тоа, ниту сметавме дека е можно сè до оваа мисија. Хеликоптерот ќе биде првиот пријател на роверот, кој се надеваме дека ќе може да го фотографира роверот од поголема висина. Искрено се надевам дека хеликоптерот, ако работи како што треба, ќе може да го посети местото каде што се сруши нашиот радар и ќе ни испрати неколку фотографии - вели Драгана.
НАСА планира да ги испорача примероците собрани во оваа мисија на Земјата со следната мисија што ја планира, иако новата мисија не се очекува во наредните пет години.
Патот на Драгана до НАСА
Во Американската агенција за вселенски истражувања Драгана пристигнала сосема случајно.
- Во лабораторијата за погонски авиони сум последните 13 години. Дојдов веднаш по постдипломските студии, кои ги завршив во 2008 година на Универзитетот во Масачусетс. Пред тоа учев електротехника на Универзитетот во Малта, каде што одев и во средно училиште - вели Драгана и додава дека пред да се пресели во Малта, учела во 10. гимназија во Белград и во основното училиште „Јован Дучиќ“.
Фото: Screenshot/YouTube