X
 14.08.2024 Наука

Две ноќи лош сон ќе ве остари четири години, покажува истражување

Сите знаеме дека добриот сон е важен, но ново истражување покажува колку многу е важен.

Според истражувачите од Универзитетот во Стокхолм, спиењето влијае врз тоа колку стари се чувствувате. Ова значи дека со добар сон може да се чувствувате млади и освежени. Но, од друга страна, неколку ноќи лош сон може значително да ве остарат.

- Со оглед на тоа што спиењето е од суштинско значење за функцијата на мозокот и целокупната благосостојба, одлучивме да тестираме дали сонот има некакви тајни за зачувување на младешкото чувство - вели Леони Балтер, истражувач на Одделот за психологија на Универзитетот во Стокхолм.

За да добијат одговори, тие анкетирале 429 лица на возраст од 18 до 70 години и ги прашале колку ноќи имале лош сон во текот на изминатиот месец и како се чувствуваат. Излегува дека за секоја ноќ лош сон, секој учесник се чувствувал во просек 0,23 години постар.

За вториот дел од истражувањето, истражувачите побарале од 186 учесници на возраст од 18 до 46 години да го ограничат спиењето на само четири часа две ноќи по ред. Потоа од нив било побарано да спијат девет часа две последователни вечери. Секојпат ги прашувале како се чувствуваат. Во просек, учесниците се чувствувале 4,4 години постари кога им бил ограничен сонот.

Интересна е поврзаноста на возраста на учесниците со нивното ниво на поспаност. Кога биле исклучително будни, се чувствувале четири години помлади. Спротивно на тоа, кога биле крајно уморни, тие се чувствувале многу постари: речиси 6 години постари.

- Ова значи дека преминувањето од чувство на будност до поспаност додава неверојатни 10 години на возраста на човекот. Нашиот сон е клучен за одржување на младешкото чувство - вели Балтер.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука