Иранската револуционерна гарда издаде остра закана насочена кон големи американски компании на Блискиот Исток.
Објавата следува по неодамнешни напади во кои, според извештаите, биле убиени високи ирански воени функционери, што дополнително ги зголеми тензиите во регионот и ги стави комерцијалните операции под ризик.
Меѓу 18. наведени компании, „Тесла“ се издвојува поради своето зголемено физичко присуство низ земјите од Заливот. Производителот на електрични возила брзо се прошири во регионот, со салони, сервисни центри и повеќе од 30 суперполначи во ОАЕ, Саудиска Арабија и Катар.
Иранската револуционерна гарда поставува рок со директна закана
Иранската револуционерна гарда го објави соопштението преку „Сепах њуз“, наведувајќи дека за секое убиство, една американска компанија ќе биде уништена. Таа предупреди дека наведените фирми треба да очекуваат да им бидат уништени нивните единици.
Меѓу наведените компании се: „Сиско“, Ејч-пи, „Интел“, „Оракл“, „Мајкрософт“, „Епл“, „Гугл“, „Мета“, ИБМ, „Дел“, „Палантир“, „Нвидија“, „ГП морган чејс“, „Тесла“, „Џенерал електрик“, „Боинг“, „Спир солушнс“ и компанијата за вештачка интелигенција „Г42“ со седиште во ОАЕ.
Според гардата, овие компании се поврзани со американски и израелски воени операции преку технолошка и поддршка со вештачка интелигенција. Групата тврди дека тие помагаат во планирањето и следењето цели користени во напади против Иран.
Во предупредувањето имало и инструкции за цивили. Вработените во наведените компании биле повикани веднаш да ги напуштат работните места, додека жителите во радиус од еден километар биле советувани да се евакуираат. Ова ниво на детали ја нагласува сериозноста на заканата и отвора загриженост за потенцијално изложување на цивили.
Присуството на „Тесла“ во Заливот се разликува од повеќето компании на листата. Додека многу од нив работат зад сцената преку дата-центри и канцеларии, нејзината инфраструктура е видлива и достапна за јавноста.
Саудиска Арабија бележи брза експанзија откако компанијата влезе на пазарот во почетокот на 2025 година. Во Катар компанијата се фокусира на продажба на „сајбертрак“ и управува со инфраструктура за полнење во Доха. Нејзината мрежа опфаќа објекти за клиенти распоредени во три држави.
Компанијата се приспособува на зголемените тензии
Компанијата веќе презеде чекори како одговор на нестабилноста. Претходно овој месец активира бесплатно полнење на сите свои станици во ОАЕ, Саудиска Арабија и во Катар.
Овој потег наликува на слични активности за време на природни катастрофи во САД. Следуваше по јавно барање од сопственик на „Тесла“ од ОАЕ, кој побарал поддршка додека регионалните напади почнале да влијаат врз цивилната инфраструктура.
Илон Маск, извршен директор на „Тесла“, изјави дека компанијата нуди бесплатно полнење во тешки периоди за да им помогне на заедниците. Компанијата неодамна организира и голем настан за испорака на „сајбертрак“ во пустината Ал Мармум во Дубаи.
Зошто „Тесла“ е необична цел?
Повеќето компании што се на листата на гардата се поврзани со одбранбени или разузнавачки операции. „Мајкрософт“ и „Гугл“ се поврзани со напредна вештачка интелигенција и воени договори, додека „Боинг“ и „Џенерал електрик“ се дел од одбранбената индустрија.
„Тесла“, сепак, не е директно вклучена во воени операции. Нејзиниот бизнис во Заливот е фокусиран на електрични возила, инфраструктура за полнење и енергетски производи.
Нејзиното вклучување можеби е поврзано со врската на Маск со американското политичко раководство. Тој се поврзува со претседателот Доналд Трамп, кој се смета за клучна фигура во тековниот конфликт. Според извештаи, Маск придонел со повеќе од 200 милиони долари за неговата изборна кампања.
Друг фактор е видливоста. Објектите на „Тесла“ се отворени и лоцирани во фреквентни комерцијални зони. Суперполначите и салоните често се поставени во трговски центри и области со голема фреквенција на луѓе.
Извор:
Interestingengeneering.com
Фото:
Wikipedia