X
 03.05.2018 Живот

Трчањето е натпревар со себеси, а не со другите!

Времето за трчање не го барам од некого, туку го заслужувам и си го давам самата на себе бидејќи досега многу од своето време сум посветила на сите околу мене – вели Елена Белевска, вљубеничка во трчањето, која нестрпливо ги чека 6 мај и Скопскиот маратон




Времето за трчање е време за кафе со самата себе. Тоа се моите минути во денот, мојот одмор од сè, тестот на мојата издржливост, мојата терапија за добро расположение, а сигурна сум дека секој може да си дозволи малку време за себе во текот на денот, и покрај обврските и дома и на работа – вели Елена Белевска од Скопје, која заедно со неколку илјадници вљубеници во трчањето на 6 мај ќе се предизвика себеси на Скопскиот маратон. Белевска, која е раководител на корпоративни комуникации во „Телеком“, сосема наивно влегла во трчањето пред неколку години, сакајќи да си го подобри здравјето и да се проба да направи нешто што претходно не верувала дека може да го направи.

Се трча со срцето, а не само со нозете

Како што неа ја инспирирале блиски пријатели, така и таа посакува позитивно да влијае врз сите што се двоумат да стават патики и да се втурнат во нова авантура.
- Трчањето повеќе сум го гледала како дел од процес за губење вишок килограми или, пак, како дел од нечии професионални спортски подготовки. Не сум ги ни забележувала луѓето околу мене што трчале. Но, сега, по речиси три години активно трчање, можам со часови да зборувам за трчањето и за придобивките од негово редовно практикување, и телесно и ментално. Но, за да стигнете до тоа ниво, треба да трчате со срцето, а не само со нозете, и треба да уживате во секој чекор. Секој ја почнал својата трка од лични причини, но едно е заедничко - трчањето не е натпревар со други, туку со самиот себе. Трчањето ја тестира издржливоста на телото, но и умот, ти докажува колку си силен, а истовремено те исполнува и дефинитивно поттикнува позитивна промена. И, воопшто не е досадно, туку вреди да му се даде шанса бидејќи нуди многу повеќе за возврат – вели Белевска.
Големо влијание врз неа имале луѓе што професионално се занимаваат со трчање. Првиот полумаратон го истрчала минатата година. Била сериозна во подготовките, редовна на кеј, „кога сама – кога со друштво, доволно хидрирана, едноставно се тестирав себеси, а и моите можности.“

Елена е мајка на две деца, моментално е на постдипломски студии, а вработена е на позиција која бара работа долги саати и постојана вклученост (раководител на Корпоративни комуникации во „Телеком“), вљубеник е во мирисот на природата и во убавата фотографија.

- Најчесто трчам после работа, попладне или навечер, особено ако сум поминала повеќе од 8 часа во канцеларија, тоа е мојот начин на релаксација. Често, најдобро трчам во деновите кога сум уморна и се чувствувам безволно за што било друго. Трчам и наутро, обично во пролет и во лето, и така вдишувам позитивна енергија за добар почеток на денот. Трчам во зима, кога надвор не е толку загадено, а доколку е, тука е Водно со одличната патека од Пантелејмон до Средно Водно. Трчам и во омилената есен кога крадам по некој миг за да уживам во убавините на природата со сите нејзини бои. Трчам сама или уште подобро е ако сум со мојот партнер за трчање Цаци или со моите драги Смилков, Соња, Еми, кога километрите летаат во муабет и заедничко бодрење. Но, секогаш надвор на отворено и секогаш со нетрпение барем два-три пати неделно – вели Елена.



Сопругот бил главен иницијатор да почне со спортска активност на отворено, а често и заедно трчаат.
- Од семејството и од пријателите добивам восхит за мојата упорност од пешачење да стигнам до нижење должини и тоа искрено ми значи и ме поттикнува самата да се предизвикувам. Горда сум на самата себе дека сум истрајна во еден спорт, и тоа во петтата деценија, по многу неуспешни обиди, а ова го кажувам со цел да посочам дека никогаш не е доцна. Телото е секогаш подготвено да го реализира тоа што главата го налага, треба само да се стисне копчето. Јас бев на почетокот од едно ново хоби кога добив спонтано охрабрување од профeсионален маратонец и кога љубопитноста во мене се разбуди, почнав со работа и полека, но трпеливо си ја градев кондицијата. Кога хобито ти поставува цели и кога полека ги поместува твоите граници на издржливост, среќата е голема. Искрено, верувам дека сум мотивирала некого од мојата непосредна околина, не за џабе само за тоа зборувам, но еве оставам самите да ми кажат. Мислам дека сите вљубеници во трчањето го прават тоа – несебично ги откриваат придобивките од овој спорт – вели Елена.


Епидемија на трчачи

Таа признава дека не брка резултати и времиња, дека тоа им го препушта на професионалните маратонци.
- За мене е најважно да стигнам до целта, а притоа да бидам добро подготвена да издржам докрај. Да уживам во секој миг, да го примам целиот адреналин кој шика од таа река на трчачи по празните скопски улици, да им дадам пример на моите деца дека треба да се себенадминуваат со труд и работа, да поттикнам и некој друг да облече патики и да почне да пешачи, па ако главата науми, да истрча и некој километар.
Мојот прв Скопски полумаратон го истрчав за 2.18, вториот во Братислава за нешто побавно, но многу позабавно, за 2.24. Посакувам третата среќа во Скопје да не биде повеќе од 2.30, но најмногу ќе ми значи да ја поминам целта со насмевка и насолзени очи, што од радост, што од болка во нозете – се смее Елена.

Таа го поздравува трендот што сè повеќе луѓе избираат да излезат на кеј и да спортуваат. - Има толку многу групи што трчаат заедно, а се организираат и различни трки во текот на целата година. Последните години како да се случува епидемија на трчање, како што немало порано, и тоа е за поздрав. Дополнително, организацијата на Скопски маратон од година на година е сè подобра и привлекува многу спортисти и рекреативци од земјата и од странство – вели Белевска.

Ја замоливме да упати една порака до нашите читатели:
- Бидете на улиците во Скопје, вие ќе ни аплаудирате нам, а ние вам повеќе. Многу значи да слушнеш браво од публиката. Нејсе, голем спортски настан како Скопски маратон е празник за цел град, тон позитивна енергија, прекрасни луѓе, секој со своја мотивација за успех, насмеани лица, добра забава, одлична организација ... штета е да се пропушти. Би било супер скопјани да го сфатат Скопски како пикник пред зграда и безрезервно да ги бодрат сите учесници!
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот