X
 03.05.2019 Наука

Пронајдена вода во примероци од астероид

Првпат научници успеаја да ја измерат содржината на вода во примероци од далечен астероид.

Тоа се случи благодарение на успешна мисија на јапонското вселенско летало „Хајабуса“, кое собрало 1.500 честички од астероидот Итокава и ги донело назад на Земјата. Иако Итокава изгледа прашливо и неплодно, примероците содржеле минерал богат со вода, наречен пироксен. Научниците што ја правеле студијата веруваат дека ова откритие ја поддржува хипотезата дека судирите на астероидите придонеле барем за дел од водата на Земјата.

Астрономите од државниот универзитет во Аризона, кои стојат зад истражувањето, велат дека астероидите богати со вода, како што е Итокава, може да се одговорни за голем дел (дури до 50 отсто) од водата на Земјата.

- Тоа ги прави овие астероиди приоритетни мети за истражување - истакна истражувачот Мејтреји Боус.

Тој додаде дека научниците треба да продолжат да собираат примероци од вселенски карпи за подобро да разберат од каде дошле тие и како се формирале.

- Мисиите со кои се враќаат примероци се задолжителни ако навистина сакаме да направиме детална анализа на планетарните објекти. Мисијата до Итокава го прошири нашето знаење за променливата содржина на телата кои помогнале во формирањето на Земјата. Не би било изненадување ако сличен механизам за производство на вода е вообичаен за карпестите егзопланети околу другите ѕвезди - истакна Боус.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука