X
 13.10.2020 Наука

Како би изгледала Венера доколку на неа имаше вода?

Нова мапа од Венера направена од корисник на „Редит“ покажува како ќе изгледаше планетата доколку на неа имаше океани.

На Венера е толку топло, што би можеле да стопите олово. На планетата има и облаци со сулфурна киселина, а нема вода. Тоа е едно од најнепогодните места за живот во нашиот Сончев Систем. Но научниците мислат дека пред неколку милијарди години на неа можеби имало океани и живот.

Корисникот на „Редит“ Драгонајт-2 создал мапа од планетата доколку на неа има океани. Тој користел податоци од површината на Венера.


Фото: Reddit

Дали мапата е точна? Венера е покриена со густи облаци, па не може да ја видиме нејзината површина, но добиваме податоци за топографијата на Венера од вселенско летало кое кружи околу неа. Драгонајт-2 ги користел овие податоци за да ја направи мапата.

Радарските слики од Венера покажуваат дека на неа има планини, вулкани и други порамни региони. Како што се гледа од новата мапа, на Венера би имало еден голем континент на северната хемисфера доколку имаше вода. Научниците веќе имаат име за континентот - Иштар Тера. Тој е голем речиси колку Австралија, а на него се наоѓа и највисоката точка на Венера - планината Максвел Монтес.

Има и втор голем континент кој научниците го нарекуваат Афродит Тера, кој се наоѓа по должината на екваторот. Тој е голем приближно колку Јужна Америка. На мапата се гледаат и помали континенти и острови кои би биле расфрлани низ океаните на Венера.


Сепак, оваа мапа не е реалистична бидејќи на Венера не може да постои океан поради екстремните услови. Освен тоа, површината на планетата би била различна доколку на неа имаше вода поради разни ерозии и други природни процеси, велат научниците.

Автор: Пол Скот Андерсон
Извор: earthsky.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука