X
 03.05.2019 Наука

Сакате вашиот мозок да работи супер и кога ќе бидете стари? Почнете да размислувате како деца!

Во одреден момент од животот сите сме под притисок да престанеме да се однесуваме како адолесценти и да станеме финансиски одговорни, стабилни возрасни личности. Почнуваме да размислуваме како возрасни, донесувајќи одлуки и црпејќи го сето знаење што сме го акумулирале низ годините.

Но, што ако растењето е преценето? Понекогаш се покажува дека би било помудро да размислувате на начин како што размислуваат децата, се тврди во истражувањето на професорката Рејчел Ву од Универзитетот „Риверсајд“. Истражувањето вели дека би биле значително поефикасни ако размислуваме како деца.

Ву истакнува дека стареењето е поврзано со когнитивниот пад. Како што старееме, умот ни станува помалку бистар, а не можеме да објасниме зошто. Во истражувањето на професорката Ву се вели дека тоа има врска со начинот на кој учиме. Таа вели дека ова можеме да го промениме ако повторно почнеме да размислуваме како деца.

Во текот на животот, од учење широк дијапазон на вештини како деца, преминуваме на специјализирано учење, стануваме експерти за одредено подрачје и почнуваме да работиме. Тоа на почеток доведува до когнитивен пад во некои познати и непознати ситуации.

Кога ја почнуваме нашата бизнис-кариера, се фокусираме на одредено подрачје, што може да го обесхрабри когнитивниот развој на другите вештини. Ни се менува севкупната перспектива на учењето, а според теоријата на професорката Ву, тоа е така затоа што повеќе не се чувствуваме толку остроумни како некогаш. Работејќи на развојот на специјализирани бази на знаење, вежбаме еден дел од когнитивните вештини, додека останатите мируваат.

Ву укажува на разликите меѓу специјализирано и широко учење. Специјализираното учење значи затворено мислење, базирано на рутина и знаење, му недостига пристап на стручна помош или учител, последиците од грешките се големи, може да нè отпуштат, се темели на фиксно размислување или уверување дека способностите се вродени, доаѓа со мала посветеност во учењето и дозволува да се учи само една вештина.

Широкото учење е отворено, фокусирано на истражување на нови обрасци и вештини, зависи од доследноста, индивидуалниот пристап на учителите и менторите што ни помагаат во учењето, опкружувањето ги простува грешките и неуспесите, се темели на размислување за растот и уверувањето дека способноста се развива со труд, со сериозна посветеност кон учењето и овозможува учење на повеќе вештини одеднаш.

Потребата за пронаоѓање вистински животен повик може да биде стресна. Таа идеја ни е всадена од најрана возраст кога нè прашуваат што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме. Колку сме поблиску до растењето, толку прашањето станува посериозно.

Со преминот на специјализирано учење, губиме предности на мултипотенцијалноста или широкото учење. Широкото учење го олеснува синтетизирањето на две или повеќе идеи, што е поттик за креативно размислување. Кога имате можност да се посветите на повеќе од една тема, полесно е да се замисли како тие два субјекта се вклопуваат заедно. Стив Џобс еднаш рече дека креативноста е само поврзување на работите.

Ако оваа теорија е точна, тогаш клучот за одржување на нашите когнитивни способности е да престанеме да учиме како возрасни личности и да учиме како деца. Потребно е да излезете од удобната зона, да прифатите нови вештини и хобија и да не се плашите од грешки.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука