X
 13.09.2018 Живот

Приказната на хрватски новинар од Шведска: Првиот училиштен ден со цитати од Тесла и Ајнштајн

Слободан Муфиќ се преселил со своето семејство во Шведска во 2016 година. За српската веб-страница „Индекс“ напишал текст за неговото искуство во шведскиот образовен систем - за уписите во училиштето и првиот училиштен ден на неговата ќерка.

- Нашето училиште е целосно бесплатно. Шкафчето за школската гардероба е единствено нешто за кое бараме да го платите - рече Питер Гејервал, еден од двајцата директори на училиштето „Раоул Валенберг“, на првиот училиштен ден.

Шкафчето го плативме нецели 2 евра, а сѐ друго, како книги, тетратки, пенкала и калкулатори, нашата ќерка Леона ги доби како и сите други ученици на нејзина возраст во Шведска. Овие денови на сите ученици во седмо одделение им се даваат и ранци со нови лаптопи, а сето тоа е на товар на општината.

Училиштето „Раоул Валенберг“ е приватна и профитабилна образовна установа, една од шесте со исто име во целата земја.

Моментално во Шведска работат околу 4.800 основни училишта, а од тој број околу 800 не ги основала државата. Редовната наставна програма е иста како и во државните училишта, но изборните програми, методологијата на работа и атмосферата се малку поинакви.

Искрено, не го избравме ова училиште водејќи се според некои квалитативни параметри, туку Леона едноставно ги следеше своите другарки од претходното одделение.

uciliste

Со шесто одделение во Шведска се завршува таканаречениот среден основно-училиштен степен, наставната програма станува посериозна и учениците обично менуваат училишта. За време на уписите во новото училиште никој од нас не побара ниту потврда, ниту печат, ниту белешка, ниту сведочење, ниту нешто друго од едноставна причина што запишувањето го направивме онлајн уште пред неколку месеци, а единствено што од нас се бараше беше е-порака со информации за евентуални алергии, посебна исхрана и изборни програми што нашата ќерка сака да ги посетува.

Сите други потребни податоци училишната администрација ги добила од претходното училиште на Леона.

Професор во говор ги цитираше Тесла и Ајнштајн


Ни беше мило да слушнеме дека од седмо до деветто одделение во ова училиште акцентот ќе биде ставен на математиката.

Ова ни го објасни младиот професор по мотивациска математика, Тарек Арнаоут, при обраќањето кон сите родители. Во текот на говорот тој двапати го цитираше Никола Тесла и еднаш Алберт Ајнштан.

Меѓу другото, рече дека задачите и предизвиците што учениците со леснотија ги совладуваат немаат никаква смисла, дека до крајниот успех може да се дојде само низ серија неуспеси и ученикот веќе во седмо одделение ќе се запознае со логаритми, матрици и квадратни равенки.

Шведска била лоша во математика


Леона, секако, сѐ уште не знае што ја чека на часовите по математика.

Според ПИСА-тестовите, токму во математиката шведските 15-годишници заостануваат зад нивните скандинавски врсници.

Шведска најлоши резултати постигнала во 2012 година, но националната образовна агенција (Сколверкет) веќе реагираше заострувајќи ги критериумите во основните училишта и веќе три години подоцна младите Швеѓани се вратија во западноевропскиот просек со тенденција на понатамошно искачување на скалата.

Имаше предлози оценувањето наместо во шесто, да се воведе во трето одделение, но преовладуваше мислењето дека децата треба да се штитат од стрес, да имаат безгрижно детство и да пораснат како среќни, задоволни и самоуверени млади луѓе. Но, кога ќе започне оценувањето, критериумите се јасни и многу строги, а наставниците главно не попуштаат.

Негативната оценка не се смета за катастрофален неуспех


За разлика од нашиот систем, шведските ученици се борат за пет позитивни оценки (од А до Е), додека за недоволно знаење се добива F. Во текот на двегодишното школување на Леона во Шведска не се имаше случено половина од одделението да добие А и на крајот на училишната година речиси сите ученици од сите наставни предмети добиваат преодна оценка.

Но, негативната оценка не се смета за катастрофален неуспех, ниту таа го оневозможува продолжувањето на школувањето.

4

Ги препознаваат најдобрите и работат со нив


Од друга страна, брзо се препознаваат најдобрите ученици и им се даваат потешки задачи и понапреден материјал отколку на другите деца од одделението. Генерално, акцентот е на конкретните и применливи знаења и добра подготовка за вклучување на пазарот на трудот.

Развој на социјални вештини и критичко размислување


Шведските училишта посебно внимание посветуваат на изградбата на личноста, развивањето на социјалните вештини и поттикнување на критичкото размислување.

Од ученикот се очекува да ги доведува во прашање фактите и слободно да ги аргументира сопствените идеи и да формира сопствена перцепција за светот што го опкружува. Така Леона уште во петто одделение на општествено-ориентираните предмети слушаше за американските претседателски избори во 2016 година и нивната важност за меѓународната заедница.

Недостигаат наставници и професори


Интересно е тоа што во шведските училишта хронично недостигаат наставници и професори. Фактот дека постои недостиг на професори и покрај тоа што од шведскиот факултет секоја година излегуваат доволно кадри зборува дека ни шведскиот образовен систем не е без маани.

Речиси четвртина од образованите наставници избрале кариера надвор од училишниот систем.

Понекогаш правата на ученикот одат и до апсурдни нивоа. Така, во јуни минатата година свидетелството со оценки за шесто одделение дојде по пошта на име на Леона. Законски таа не мора да ни го покаже.

Во училиштето „Валенберг“, за среќа, тие не ја негуваат таквата практика. Постои интерактивен портал на кој родителите може да комуницираат со наставниците и да следат што се случува на училиште, од оценки преку дневното мени во училишниот ресторан до содржината на наставните часови.

Зголемен број на часови по странски јазици

Особено сме задоволни што во училиштето е зголемениот број на часови по јазици. Англиски јазик се изучува четири часа неделно, а нашата ќерка избра и шпански, кој го изучува три часа неделно. Покрај тоа, на крајот од секој час се издвојуваат пет минути за да се објаснат главните концепти и термини и да се преведат на англиски јазик.

Нема веронаука во училиштата

Не, во Шведска не постои веронаука во училиштата. Верското образование, верските симболи и верските службеници од која било религија немаат пристап до училиштата. Но, постои наставен предмет по верско знаење преку кој учениците се запознаваат со сите важни религии во светот, па така минатата година Леона учеше основни поими од будизмот.

Низ цела Шведска постојат околу 100 верски училишта, но и тие во редовната настава се должни да ја следат програмата што ја дава државата.

Шведскиот образовен систем не е најдобар во светот, меѓутоа, дефинитивно создаде генерации што ја направија Шведска една од најнапредните земји.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот