Факултетот за биотехнички науки - Битола одбележува 60 години од формирањето како најстара единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола и во изминатите шест децении остварува плодна наставно-образовна, научноистражувачка и апликативна дејност и се соочува со низа предизвици кои постоеле во досегашниот период, а ќе постојат и во иднина. Факултетот е препознатлив по своите традиционални вредности, квалитетен човечки и инфраструктурен потенцијал, во кој се образова и оформува инженерски и менаџерски кадар од различни профили.
Факултетот располага со 5 опремени лаборатории со високо софистицирана опрема каде што нашите студенти ги остваруваат своите лабораториски вежби. Со ваквите солидни инфраструктурни и технички предуслови им овозможува на студентите под менторство на своите професори директно и непосредно да учествуваат во научноистражувачката работа на факултетот.
Факултетот за биотехнички науки се истакнува на полето на научната дејност преку учество во 12 научноистражувачки проекти, со свој придонес од областа на прехранбената технологија и земјоделските науки, нагласува деканот, проф. д-р Гордана Димитровска.
Во изминатиот период, во партнерство со странски високообразовни институции, аплициравме на повеќе од 10 проекти, претежно преку програмата Erasmus, како и IPA и Horizon 2020. Во рамките на Erasmus + програмата бележиме значајна бројка на реализирани мобилности со партнери од странски универзитети со кои имаме склучено договори за соработка. Тоа значи дека секој сегашен и иден студент, преку Еразмус + програмата ќе има можност да биде дел од странска високообразовна институција, па макар и на еден семестар. Ние ги мотивираме нашите студенти да ги користат европските програми и средства бидејќи навистина е штета да не се почувствува европскиот високообразовен систем, кога веќе ни е на располагање, а од друга страна станува збор за целосно финансиски покриен студиски престој.
Покрај можноста за мобилност, Факултетот за биотехнички науки - Битола на своите студенти им овозможува и учество на голем број студентски конференции и симпозиуми, и на сите овие настани студентите не поминуваат незабележано, туку напротив, освојуваат највисоки награди и признанија.
Во пресрет на уписите, Факултетот за биотехнички науки ги потсетува матурантите дека на оваа единица на УКЛО наставата се одвива на 4 акредитирани студиски програми на прв циклус студии, 5 акредитирани студиски програми на втор и 1 акредитирана студиска програма на трет циклус на студии. Во моментот активни се четири современи акредитирани студиски програми на прв циклус на студии и тоа: Квалитет и безбедност на храна, Технологија на анимални производи, Менаџмент во анимално производство и
Зоотехникa.
Сите студиски програми од прв циклус (додипломски студии) овозможуваат дипломираните студенти да го продолжат своето стручно усовршување и на втор циклус и трет циклус на студии, за што Факултетот за биотехнички науки располага со сите потребни предуслови и ресурси, вклучително и интелектуалниот капитал кој го ставаме на располагање на младите луѓе кои се заинтересирани за стручни занимања поврзани со сегашноста, но и со иднината, затоа што, да не личи на флоскула, без храна, особено безбедна и квалитетна, тешко е да се замисли животот воопшто. Ова само по себе говори колку нашите дипломирани студенти се потребни во економијата и барани на пазарот на труд. Соочувањето со ковид-кризата уште повеќе нè упатува кон овие важни, суштествени прашања кои денес, повеќе од кога било, водат кон нови стратегиски пристапи на теми, меѓу кои за зелена и безбедна храна.
Од Факултетот за биотехнички науки нагласуваат дека се добредојдени сите на кои производството на храна им е во срцето и потсетуваат дека со изборот на оваа професија, покрај успешен професионален и личен развој, младите луѓе оставаат печат во развојот и иднината на нашата земја.
(Комерцијална објава)