Ракометарите на „Вардар“ ќе пристигнат на скопскиот аеродром во 18:50 часот. По повод историскиот успех на градскиот ракометен клуб „Вардар“, скопскиот градоначалник Петре Шилегов побара од советниците на Град Скопје на клубот да му дадат награда во износ од шест милиони денари.
- Од синоќа сум во контакт со управата на Ракометниот клуб, успеавме да обезбедиме чартер-лет за клубот. Износот за авионот е 39.500 евра. Ќе полета во 14:30 часот, а во Скопје ќе слета 18:50 часот. Го координиравме авионот за да бидат завршени сите безбедносни мерки поради Самитот на НАТО за да може скопјани слободно да присуствуваат на оваа свеченост - рече Шилегов на почетокот на денешната седница на Советот на Град Скопје.
Тој побара Советот на Град Скопје да донесе одлука за подмирување на трошоците за чартер-летот, како и сума во износ од околу два милиони денари за организација на настанот, односно за пречекот на ракометарите.
- Вкупната сума ќе ја ставиме во посебна одлука и барам ова да го внесеме како точка на дневниот ред - рече Шилегов.
Додаде дека момците се чувствуваат добро и оти се многу весели.
Според Шилегов, ова е еден историски успех и ги повика скопјани достоинствено да ги пречекаме ракометарите.