Македонските граѓани најмногу сакаат новогодишната ноќ да ја поминат во Истанбул. Помладите го одбираат Белград зашто нуди богат ноќен живот. Но, секако, има интерес за сите понуди и агенциите велат дека речиси сѐ им е распродадено
Дочек на Новата година во Лутраки за 140 евра. Нова година во Златибор за 240 евра. Кумбургаз за Нова година 150 евра. Дочек на плоштад во Сараево. Туристичките агенции нудат понуди за Истанбул, Атина, Белград. Нова година ќе се чека и во Италија. Милано, Комо, Џенова, Бергамо, Верона, Венеција, Падова, Виченца, Трст, Тоскана... Како и Прага, Карлови Вари, Дрезден, Виена, Краков... Листата е долга и задоволува сечиј вкус.
Македонските граѓани најмногу сакаат новогодишната ноќ да ја поминат во Истанбул. Помладите го одбираат Белград, кој им гарантира богат ноќен живот. Но, секако, има интерес за сите понуди и агенциите велат дека речиси сѐ им е распродадено. И покрај тоа што живееме во криза, македонските граѓани сакаат да патуваат.
- Оваа Нова година се бараат традиционалните програми на кои сме навикнати низ сите европски метрополи. Најатрактивна дестинација за македонските граѓани повторно е Истанбул, градот кој никогаш не умира, а покрај стандардната програма, има голем избор на примамливи понуди за дочек на некој од бродовите на Босфорот, традиционалните ресторани или клубови. Од поблиските градови, Белград е дефинитивно дестинацијата која ја одбираат младите, првенствено поради одличниот ноќен живот, а секако тука се и организираните прослави на познатите сплавови и локали. Од подалечните градови побарувачката не е ништо помала ниту за Милано, Прага и Виена, каде што Новата година се дочекува на главните плоштади. Има и други порелаксирани понуди во зимските центри во соседството, бањи и слично. Иако има светска криза и драстично се зголемени трошоците за живот, нашите граѓани се расположени за патување, можеби не како пред три години, но интерес има. Се надеваме дека така ќе продолжи и во следната 2023 година - ни сподели Силвана Јовановска, сопственичка на туристичката агенција „ГО тревел“.
„Ескејп травел“ е агенција која со години работи со патници од сите возрасти, па има понуди за сечиј вкус.
- Најголема заинтересираност од страна на патниците имаме за Истанбул. Магичен град кој кога и да се посети, ќе ви остане во срцето. Ние работиме на база викенд-тури во текот на целата година, а не само летни аранжмани. Истанбул за Нова година ќе го посетат над 300 наши патници, со тоа што ќе имаат можност да ја дочекаат Новата година под Босфорскиот мост на приватен брод, каде што ќе си ја замислат новогодишната желба. На бродот ќе има извонредна журка, за која ќе се погрижат диџеј и наш македонски бенд. Освен Истанбул, кој е најатрактивен за Нова година, имаме и голем интерес за Белград и за Сараево. Кога станува збор за помладите патници, Белград е вистинскиот избор за дочек на Новата година во некој од клубовите. Оваа година имаме значително повеќе побарувања за разлика од лани. Продажбата ни е речиси при крај - посочуваат од агенцијата.
Фото: pixabay