03.06.2020
Живот
Комисијата за заразни болести бара долг полициски час
Заради зголемениот број на новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјата, Комисијата за заразни болести до Владата ќе ги достави следните предлог мерки за претстојниот продолжен викенд:
- Полициски час од четврток (4 јуни) од 21 часот до понеделник (8 јуни) до 05 часот наутро во Скопје – сите скопски општини, општина Куманово, општина Липково, општина Штип, општина Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.
- Во сите останати градови, полицискиот час да трае – од четврток (4 јуни) од 21.00 часот до петок (5 јуни) до 05 часот наутро. Останатите денови полицискиот час да започнува од 16 часот и да трае до следниот ден до 05 часот наутро.
Министерот за здравство Венко Филипче одржал координативен состанок со членовите на Комисијата за заразни болести, претставници на локални Центри за јавно здравје и претставници на Министерството за внатрешни работи на кој се разговарало за понатамошното делување за спречување на ширењето на заразата.
- Дополнително на состанокот, на претставниците на Министерството за внатрешни работи им беа укажани потешкотиите со кои се соочуваат екипите на терен во однос на пристап до луѓе за тестирање и прекршувања на мерката за самоизолација. Од службите на МВР беше побарана поголема ажурност, ефективно делување на терен, контрола и санкционирање на прекршувањата на мерките - информираат од Министерство за здравство.