Што посеопфатното вакцинирање на целото население, па дури и на децата над две години, ќе има идни далекосежни придобивки за спречување на ширењето на коронавирусот, посочува епидемиологот
Има ли потреба од вакцинација на децата против ковид-19 и постои ли ризик за ширење на вирусот ако децата останат невакцинирани. Како на тоа би реагирале родителите и можни ли се компликации кај децата од оваа вакцина. Сите овие прашања остануваат отворени откако светските епидемиолози како трета фаза од имунизацијата против ковид-19 ја најавуваат вакцинацијата на децата.
Американската агенција за лекови дала дозвола вакцините да ги примаат и децата, а во САД веќе е во тек вакцинација на децата од 12 до 16 години.
И македонските здравствени власти најавија дека во текот на летото, токму пред почетокот на новата учебна година, ќе ги разгледуваат можностите за ова.
Епидемиологот Драган Даниловски дава одговори на тоа колку со вакцинацијата на децата ќе се зголеми колективниот имунитет на целото население.
Тој смета дека што посеопфатното вакцинирање на целото население, па дури и на децата над две години, ќе има идни далекосежни придобивки за спречување на ширењето на коронавирусот.
- Ако се вакцинираат и децата, ќе се зголеми колективниот имунитет, но ќе се постигне и нешто друго, односно ќе се оневозможи вирусот да кружи во таа популациска група, да се одржува меѓу нив, да тлее - објаснува тој.
Според него, во спротивно, ќе му се даде шанса на вирусот да остане во ендемска форма меѓу нас и постојано да се заканува со помали епидемии и меѓу возрасните.
- Истовремено, можноста да врши „пасажа“ од еден домаќин на друг (децата) ќе го зголеми ризикот тој да мутира, што има сосема јасни можни ризици - додава епидемиологот.
Министерот за здравство Венко Филипче пред неколку дена најави дека во текот на следните месеци ќе се прават анализи за можно вакцинирање на децата од 12 до 16 години во земјава.
Според него, целта е да се изработат протоколи со кои ќе се овозможи децата да се вратат со физичка настава во училиштата од 1 септември.
Комисијата за заразни болести летово ќе прави протокол за физичко присуство во училиштата и во него ќе влезе можноста за вакцинација на децата.
Таквата вакцинација нема да биде обврзувачка.