X
 03.06.2016 Наука

Децата кои растат опкружени со книги заработуваат повеќе

Децата кои имаат голем број книги во нивниот дом, како возрасни имаат повисоки плати, вели новото истражување објавено во „Economic Journal“.

Економистите Џорџо Брунело, Гиљермо Вебер и Кристоф Вајс од Универзитетот во Падова направиле истражување врз 6.000 мажи родени во 9 европски земји во средината на 20-от век. Тие биле категоризирани врз основа на тоа дали имаат помалку од 10 книги дома, полица со книги, библиотека со 100 книги, две полици или повеќе од две полици.

Истражувачите го процениле ефектот на образованието врз нивната заработувачка со тоа што направиле разлика помеѓу лицата кои живеат во руралните и урбаните области во текот на детството и помеѓу индивидуалци со пристап до многу или малку книги во нивниот дом на 10 годишна возраст.

„Индивидуалците во руралните средини беа најмногу погодени од образовните реформи, а оние со многу книги уживаа значително повисоки плати поради нивното дополнително образование“.

Дополнителна година на школување ја зголемува просечната заработка на еден човек за 9%. Сепак, оние кои пораснале со помалку книги дома, имале само 5% повисока заработка во текот на животот од дополнителната година во образованието. За оние со голем број на книги, заработката беше повисока за 21%.

Мажите со поголем пристап до книги исто така имаа поголеми можности за преселување во градовите со подобра можност за заработка, отколку оние со помалку книги.

„Можеби книгите се важни бидејќи тие ги охрабруваат децата повеќе да читаат, а читањето има позитивно влијание врз успехот на училиште. Алтернативно, домот исполнет со книги покажува поволни социо-економски услови“, велат истражувачите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука