X
 03.06.2021 Образование

УКЛО - учесник во Неделата на акции за еднаквост

Професорката д-р Јасмина Буневска-Талевска од Техничкиот факултет - Битола при УКЛО, на покана од д-р Амира Кадур, претседателка на одделот за интернационална соработка на Институтот за безбедност на патиштата на Тунис, одржа предавање на тема „Местото на жената во безбедноста на патиштата: перцепција и факти за Северна Македонија“, како учесник на стручен собир организиран во рамките на Неделата на акции за еднаквост во пресрет на Форумот за родова еднаквост во Париз.

Во воведот од своето излагање професорката Буневска-Талевска се осврна на преземените обврски за унапредување на родовата еднаквост, заклучувајќи дека застапеноста и учеството на жените во донесувањето  одлуки е сè уште ограничена, бидејќи, зголемената застапеност на жените во парламентот и општинските совети се должи на изборните квоти, додека остануваат клучните пречки за еднаква застапеност и учество на жените во донесувањето одлуки. Професорката истакна и резултати од два национални проекти, според кои родовото насилство останува една од најзначајните манифестации на дискриминација на жените во земјата (ОБСЕ, 2018 година), во кое е наведено дека речиси половина (45%) од жените одговориле дека доживеале психолошко, физичко и/или сексуално насилство, додека, од проект на Центарот за истражување и креирање на политики, иако датира од 2009 година, ја издвои како актуелна и нужна и констатираната потреба за подобрување на патната инфраструктура и јавниот превоз, а заради обезбедување пристапност, мобилност и безбедност за руралните жени. За професорката Буневска-Талевска, охрабрувачки податок за подобрување на вкупната безбедност на жената е стапувањето во сила на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство на 6 мај годинава, но останува една голема празнина, вели таа, а тоа е темата на која е професионално посветена, односно подобрување на системот за безбедност на ранливите учесници во сообраќајот, конкретно местото и улогата на жената во безбедноста на патиштата.

Во недостиг на истражувања во рамките на институциите задолжени за координација и управување со безбедноста на патиштата, а за потребите на нејзиното учество во стручната дискусија, професорката спроведе неколку кратки истражувања и тоа:
-    анализа на изјави дадени за медиумите од претставници на тела и институции задолжени за подобрување на безбедноста на патиштата;
-    10 интервјуа со жени на возраст од 20 до 50 години, во смисла на добивање информации за нивното мислење за достапноста, пристапноста и нивното прифаќање како учесници во сообраќајот на патиштата врз основа на нивните перцепции и искуства.
-    анализа на статии во електронските медиуми во последните 3 години поврзани со случување на сообраќајни незгоди во кои жената е жртва.
Како дел од генералните заклучоци од истражувањето и излагањето на професор д-р Јасмина Буневска- Талевска, а кои генерално се однесуваат на политиката за подобрување на безбедноста на жените во сообраќајот на патиштата како приоритет на индивидуално, заедничко и национално ниво, издвојуваме:

1.    Родовата еднаквост е основно човеково право, но кога станува збор за сообраќајот и безбедноста на патиштата, родовиот јаз е поголем отколку што повеќето од нас можат да замислат.
2.    Потребен е квалитетен, постојан, институционален и системски пристап за подобрување на капацитетот и интегритетот на институциите и поединците во смисла на подигнување на безбедноста на ранливите учесници во сообраќајот, жените.
3.    Постојан мониторинг и интервенции за застапување и зајакнување и во смисла на едукација и во понатамошна соработка и координација помеѓу различни сектори имајќи предвид дека безбедноста на жените е јавен проблем од висок приоритет и има негативно влијание врз здравјето, предизвикувајќи повреди, смрт, како и психолошка траума,
4.    Воспоставување систем на институции за ефективна превенција, заштита, собирање докази и поддршка на жените жртви во сообраќајни незгоди на патиштата.

1

Во своето излагање, професорката ги спомена и Емилија Динева, Верица Белчовска и Јасмина Василевска, нашите хероини, жртви во сообраќајни незгоди – донаторки на органи, истакнувајќи приказ на кој може јасно да се види алармантниот број на жени жртви во сообраќајни незгоди во последните 3 години, од кои само во изминатиот месец дури 5 жени на возраст од 16 до 50 години го загубиле животот во сообраќајна незгода.

Секоја од овие девојки, сите тие жени, сите ние сме Емилија Динева, Верица Белчовска и Јасмина Василевска, подвлече професорката, завршувајќи ја дискусијата со фактот дека не може да се одговори што од долунаведеното е поалармантно:

-    Дали злоупотребата на жената како пешак на патиштата?
-    Дали кукавичкото напуштање на местото на случување на сообраќајната незгода од страна на возачите?
-    Дали тоа што овие девојки, жени можеле да се остварат како мајки, да влијаат врз наталитетот за кој стравуваме, или за нивните трауми и телесни инвалидитети?
-    Дали веројатноста дека токму жената која го доби срцето на Јасмина Василевска може да биде следната жртва на некој несовесен возач, кој исто така ќе побегне од местото на незгодата?
-    Дали доминацијата на чинителите одговорни за безбедноста на патиштата, која не е корисна за координација и соработка.

Професорката д-р Јасмина Буневска-Талевска, горда на интернационалната соработка и поддршка која ја добива, порача дека продолжува да се залага за подобрување на безбедноста на патиштата, за безбедноста на децата и жените, жртви во сообраќајни незгоди.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование