X
 03.06.2024 Наука

Истражувачи пронашле потоната подморница од Втората светска војна

Ловците на потонати бродови откриле остатоци од познатата американска подморница што потонала со 79 члена на екипажот при битка со јапонски воен брод, во близина на Филипините во 1944 година. Според „Проџект лост 52“, кој го направил ова откритие, остатоците на бродот „Ју-ес-ес Хардер“ сега лежат на својот труп на дното на Јужното Кинеско Море, во близина на северниот филипински остров Лузон, на длабочина од околу 1.140 метри.

Во поморските извештаи за последната мисија на подморницата од класата „Гато“, наречена „Хит 'Ем хардер“, се наведува дека таа потонала со целиот нејзин екипаж на 24 август 1944 година, откако била сериозно оштетена од длабински полнења во битка со јапонски разурнувач. „Хардер“ е една од најпознатите американски подморници во Втората светска војна, а записите на американската морнарица забележале дека таа торпедирала и потопила пет јапонски разурнувачи и неколку други непријателски бродови, за време на шест успешни патроли во Пацификот.

- Ова е една од најпознатите подморници од Втората светска војна и историско поморско откритие – изјавил Тим Тејлор, основач на проектот „Лост 52“. Тејлор е директор на „Тибурон Сабси“, компанија која користи автономни подводни возила и други технологии за собирање податоци на подводни локации. Тој, исто така, го води проектот „Лост 52“, чија цел е да ги лоцира остатоците од 52 американски подморници изгубени на море за време на Втората светска војна и четири изгубени за време на Студената војна.

Процесот на пронаоѓање и оддавање почит на екипажот

Групата веќе ги лоцирала остатоците од осум пловила, а откривањето на подморницата „Ју-ес-ес Хардер“ е нивно деветто откритие, според информациите на Тејлор. Секоја од подводните урнатини е и воен гроб за членовите на екипажот кои загинале кога потонала подморницата, а на исчезнатите членови на екипажот на „Хардер“ им била оддадена почит за нивната служба кога била пронајдена подморницата.

- Имаме протокол каде што кога ќе лоцираме подморница, му оддаваме почит на екипажот со минута молчење, ѕвонење со ѕвонче за секој член на екипажот и кажување молитва предводена од ѓакон кој е дел од нашиот тим за експедиција - рекол Тејлор.

Тимот го лоцирал потонатиот брод проучувајќи ги извештаите за неговата последна борба, а потоа ги пребарувал релевантните области со сонарот на бродот, кој може да открие објекти на морското дно, и автономни подводни возила, кои можат да одат многу подлабоко од човечките нуркачи.


Тежок и долг процес


- Додека преземаме чекори за да ги направиме шемите за пребарување што е можно поефикасни, тоа е долг и напорен процес, како да барате игла во сено - рекол Тејлор.

Екстремната длабочина на потонатиот брод значела дека се неопходни пребарувања со автономни подводни возила, иако периодот на релативно добро време во последните недели ја олеснил потрагата.

Потонатиот брод е премногу длабоко за да може да го посетат нуркачите, а американската морнарица го назначила потонатиот брод како заштитено место.

- Потонатиот брод го претставува последното почивалиште на морнарите кои ги дадоа своите животи во одбрана на нацијата и треба да бидат почестено како воен гроб - се вели во соопштението на морнарицата.

Тејлор додал дека фотографиите од подводните возила покажуваат дека бродот е во релативно добра состојба.

-Подморницата е релативно недопрена, освен штетата предизвикана од длабинските полнења - рекол тој.

По 80 години под вода, потонатиот брод се чини дека станал дом на морскиот живот, вклучувајќи го и октоподот што Тејлор го видел на фотографиите.

- Тоа е заштитено гробно место за 79 американски морнари од Втората светска војна, но има многу живот во подморницата. Тоа е навистина извонредно - заклучил тој.

Извор: klik.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука