X
 29.01.2019 Наука

Лекарите ќе имаат детален поглед во капиларите

Во вашето тело има повеќе од 40 милијарди капилари и нивната внатрешна работа претежно е мистерија и покрај тоа што тие се многу важни за дистрибуција на кислород до клетките.

Наскоро ќе знаеме многу повеќе за капиларите благодарение на работата на истражувачки тим од Северозападниот универзитет во Еванстон, во американската сојузна држава Илиноис, кој развил нова алатка со која се прават слики од текот на крвта низ овие мали крвни садови. Со помош на алатката SC-OCTA (spectral contrast optical coherence tomography angiography) тимот успеал да добие невиден поглед на крвта која тече низ капиларите. Нивното истражување може да има големо влијание врз нашето разбирање на човечкото тело.

Лекарите и истражувачите веќе долго време можат да гледаат во поголемите крвни садови со помош на ултразвук. Но, ултразвукот не функционира во секој момент, на пример, кога нема крвоток низ одреден крвен сад. Слабиот тек на крв низ капиларите може да доведе до слаба циркулација на кислород и да предизвика различни проблеми, од блага главоболка до проблеми со срцето.

- Може да имате одличен крвоток низ артериите, а да нема крв која ќе носи кислород до ткивата доколку ја немате соодветната микроваскулатура - вели Вадим Бакман, водач на студијата.

На SC-OCTA не ѝ е потребен крвоток за да добие јасна слика. Таа може да им помогне на лекарите да утврдат што може да го предизвикува слабиот крвоток низ капиларите, помагајќи во спречувањето многу проблеми. Исто така, алатката не се потпира на контрасни бои или штетна радијација, туку функционира нешто како ултразвукот, само што користи светлосни наместо звучни бранови. Иако алатката може да овозможи прецизен преглед на само еден милиметар во телото, во споредба со неколкуте сантиметри за кои е способен ултразвукот, таа сепак нуди досега невиден поглед во телото и тимот на Бакман работи на тоа да ја направи способна да гледа и подлабоко.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука