X
 11.03.2019 Образование

Со национална програма талентираните и надарените деца ќе добијат вистинска поддршка

Професори, талентирани ученици, експерти од областа на педагогијата учествуваа денеска на панел-дискусијата што ја организира Фондот за иновации и технологии во соработка со порталот Факултети.мк

Осумгодишниот Христијан Арсов од Велес, исклучително надарено дете, беше ѕвездата на панел-дискусијата која на тема „Развој и поддршка на талентирани деца“ по иницијатива на Фондот за иновации и технолошки развој се одржа во хотелот „Хилтон“ во Скопје. Пред преполната сала Кико објаснуваше на свој впечатлив начин за настанувањето на светот, на ѕвездите.

Ја имаме честа што малиот Христијан нѐ почести со своето присуство и ни ја отвори панел-дискусијата во која сакаме да зборуваме за предизвиците со кои се соочуваат надарените деца како него, но и сите други таленти - рече денес Јован Деспотовски, директор на Фондот, на поздравното обраќање на панел-дискусијата.


Огромен интерес предизвика темата „Развој и поддршка на талентирани деца“

Посебна програма за поддршка на талентираните и надарените деца е целта кон која се стремиме откако ќе ги сослушаме мислењата на академската заедница, на талентираните млади, нивните родители, ова, меѓу другото беше истакнато денеска на отворањето. Огромен интерес предизвика темата што обедини педагози, професори, наставници, талентирани деца, нивните родители да разговараат за предизвиците на овие деца во земјава. Нашата земја прави, ама не доволно за нив, се согласија учесниците.
На отворањето на панел-дискусијата што се организира во соработка со порталот Факултети.мк се обратија и Рејчел Галовеј – амбасадор на Велика Британија, и Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. Модератор на панел-дискусијата беше проф. д-р Алма Тасевска од Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет од Скопје.

- Ова е тема што нѐ засега сите, мораме да ги поддржиме талентираните и надарените деца. Ова е високо сензибилна тема. Го поздравувам Фондот за иновации кој ја покрена оваа иницијатива - истакна Галовеј.

Деспотовски истакна дека од денешната дискусија ќе се издефинира акциски план кој ќе овозможи еден нов концепт и поддршка за овие деца.
- Јас сум татко на четири деца и секој ден се чудам како децата умеат да наоѓаат лесни решенија за проблемите. Ваквата средба е со цел да им дадеме можност на сите важни чинители да кажат со какви проблеми се соочуваат. Благодарам што сме во голем број, што имаме професор, ученици, родители, претставници на разни институции. Да разговараме и да споделиме искуства и да тргнеме кон остварување на нашата заедничка цел, а тоа е да најдеме решение за поддршка и развој на талентирани деца и младинци. Ме радува што во ова не сме сами, со нас се УНИЦЕФ, британската амбасада во земјава, заменик-министерот за образование Петар Атанасов. Професори и родители во изминатите две години доаѓаа кај нас, се интересираа за нивните деца...Токму тие разговори иницираа еден ваков процес со кој ќе дојдеме до решение на државно ниво. Ние веќе поддржуваме млади истражувачи и таленти, лани одвоивме околу 10 милиони денари, но време е да тоа да стане систем - рече Деспотовски.


Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој

Тој посочи дека иницијативата за панел-дискусијата настанала по разговорите со неколкумина млади олимпијци по физика што учествуваа во Боцвана.
- Преку многубројни анализи утврдивме дека творечкиот потенцијал кај нас не е доволно поддржан во нашата држава. Учествата на меѓународни натпревари е сериозен проблем. Фондот за иновации е особено горд што го прави првиот чекор и отворивме дебата на оваа тема во соработка со порталот Факултети.мк. Наша цел е да овозможиме создавање национална програма, за развој и поддршка на талентираните деца. Ова е само почеток на овој процес. Бидејќи сите деца се гении на свој начин, наша работа е тоа да го препознаеме и да го поддржиме - истакна Деспотовски.
На панел-дискусијата учествуваа: Ребелка Елис, постдокторанд, истражувач на универзитетите „Џон Хопкинс“ и „Њу Орлеанс“ во САД, Петар Атанасов - заменик-министер за образование, Љупчо Кеверески од Педагошкиот факултет од Битола, Ајше Ајрулаи од Бирото за развој на образованието, Виктор Новаковски, директор на меѓународното училиште „Нова“, Ана Попризова, психолог во гимназијата „Орце Николов“ од Скопје, Ламбе Барандовски од Институтот за физика, Миха Буклески од Институтот по хемија, како и Антонио Андоновски, добитник на бронзен медал на Меѓународната олимпијада по хемија 2018 година.

Амбасадорката Галовеј истакна како оваа проблематика е поставена во Велика Британија.
- Најважно е дека имаме разговор помеѓу училиштата, родителите, учениците за тоа што им треба на децата. Имаме Национална асоцијација за поддршка на талентирани деца. Образовните институции мора да ги пресретнат потребите на сите ученици. Што има Македонија и што треба да се направи? Образованието е тема на која многу соработуваме. Тоа што ќе го вложиме во децата денес е фактички влог во иднината и во економијата на земјата. Во вашата земја се бара партнерство меѓу институции, бизниси и цивилното општество – вели амбасадорката.
Перкс посочи дека е многу важно како државата се однесува кон талентираните и надарените деца.
- Ако се вратите во времето и ако имате можност да го интервјуирате Чарлс Дарвин или Ајнштајн, тие би ви рекле дека не биле многу талентирани на училиште. Силен образовен систем не ги водел низ предизвиците, но тоа што ги водело биле страста и истрајноста, одлучноста и тие биле полни со оптимизам дека можат да направат нешто поголемо за светот. Истражување на „Стенфорд“ покажало дека децата кај кои само се велича талентот многу не успеваат. Но, тие што ќе вложат напор и ќе се посветат – тие успеваат. Децата мора да научат дека никогаш не треба да престанат да учат - вели Перкс.


Бенџамин Перкс: Треба да креираме добро место за живеење ако сакаме децата да ни останат во земјата

Дел од талентираните деца размислуваат да ја напуштат државата и својата иднина да ја градат надвор. Велат дека државата прави обиди да ги задржи, но оти треба да се вложат повеќе напори.
- Минатата година се зборуваше дека во Скопје ќе се отвори гимназија за талентирани ученици, но за жал такво нешто сè уште се нема случено. Се надевам дека нешто итно ќе се преземе бидејќи сè повеќе и повеќе талентирани деца се обидуваат да заминат од државата во потрага по подобро образование - вели Дарко Стојчев, талентиран ученик во прва година гимназија.
Антонио Андоновски, кој е студент на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вели дека засега има намера да остане во државата и да ги заврши студиите, но додава дека за во иднина не е сигурен. Според него, во државата има простор за остварување на плановите, но потребна е многу работа за да се постигне тоа.



Според него, потребно е да се слушнат иницијативите и предлозите на родителите и децата и заедно со нив да се изгради еден систем кој ќе одговара на нивните реални потреби.
- Не мислам дека ние како институции знаеме сѐ. Затоа сме тука да слушнеме што имаме како предлог, да го ставиме тоа во еден пакет, да обезбедиме финансиски средства и да пробаме да го пилотираме. И наместо да зборуваме како е тоа во развиените земји, да се обидеме еден таков модел да развиеме тука, но модел што ќе се базира на реалните потреби на општеството и корисниците, а не модел каков што го замислуваме ние во институциите - истакна Деспотовски.

Од меѓународните институции препорачуваат дека она што треба државата да го направи е да обезбеди квалитетен живот за младите и квалитетно образование кое ќе им даде можност на децата да ги развиваат своите способности.
- Според извештаите на ОЕЦД, образованието во државава во изминатите години се влошува, а во соседните држави се подобрува. Тоа мора да го спречиме и да оди во спротивен правец. Тоа се прави преку образовната реформа, која треба да го подобри образованието. Исто така, важно е и секој возрасен човек да се запраша дали креираме добро место за живеење на младите ако сакаме децата да ни останат тука - истакнува Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ.


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование