X
 06.04.2019 Наша тема

Интервју со д-р Ребека Елис: „Надарените деца имаат поинаков мозок – внатре е како во флипер“

Интервјуто со д-р Елис го објавуваме во рамките на активностите на Фондот за иновации и технолошки развој и порталот Факултети.мк за пронаоѓање соодветен модел за препознавање, поддршка и развој на надарените и талентирани деца во нашата земја

Тоа е ученикот кој најчесто го малтретира наставникот, тоа е кловнот во одделението, тој што постојано пречи на часот, се жали дека му е досадно, или е повлечен, интровертен, слабо комуницира. За жал, често овие учениците се дел од високите 95 отсто надарени деца што системот не ги препознава, а најчесто така поминуваат и низ животот.
- Тие имаат различен мозок од другите. Затоа класичната училница за нив најчесто е токсична - вели д-р Ребека Елис, истражувач и соработник на универзитетите „Џон Хопкинс“ и „Њу Орлеанс“ во Соединетите Американски Држави и соработничка на канцеларијата на УНИЦЕФ во нашата земја.


Христијан Арсов од Велес, едно од натпросечните деца во нашата земја

Интервјуто со д-р Елис го објавуваме во рамките на активностите на Фондот за иновации и технолошки развој и порталот Факултети.мк за пронаоѓање соодветен модел за препознавање, поддршка и развој на надарените и талентирани деца во нашата земја. Во рамките на овие активности таа учествуваше и на панел-дискусијата на тема „Развој и поддршка на талентирани деца“, која ја организиравме минатиот месец.

Какво е Вашето искуство со надарени и талентирани деца?

- Експерт сум за социјален и емоционален развој и образование. Зад себе имам 20-годишно искуство со надарени и талентирани деца, особено низ нивниот психосоцијален и емоционален развој. Бев наставничка 12 години, насочена кон стимулација на надарени и талентирани деца - од претшколско образование, преку секое одделение од основно сè до средно образование. Можете да замислите како изгледа една ваква училница?! Тогаш се посветив на докторатот, за подобро да го разберам социолошкиот и емоционалниот развој на овие деца и да разберам кој е најдобар третман за нив. Поминав девет години истражувајќи најразлични типови надарени и талентирани програми и кои се најдобри за социјалниот, емоционалниот и етичкиот развој на надарените и талентирани индивидуи.

Која е разликата меѓу надарени и талентирани деца?

- Ова е многу важно за да се направи дистинкција. Во светот малку луѓе ја прават оваа разлика, а таа е пресудна за многу нешта. Постои мит дека сите деца се надарени. Тоа не е вистина. Што значи надарено дете? Зборуваме за креативни, иновативни мислители. Мојот докторат е на полето на невроедукација - комбинација од невронаука и образование. Кога ќе ги погледнете мозоците на надарено и на дете што постигнува високи резултати додека процесираат некоја сложувалка или проблем, сликата е целосно различна. Има и физички и когнитивни разлики во начинот на кој тие ја процесираат информацијата. Тука е клучот.


Д-р Ребека Елис

Најголем дел од надарените деца во светот не се деца што постигнуваат високи резултати. Тие се на неколку начини класифицирани – или имаа тешкотии со учењето или со дисциплината и однесувањето, често имаат дел од аутистичниот спектар. Ги нарекуваме двојно посебни (multiply classified) затоа што тоа е дел од нивниот мозок кој функционира на исклучително високо, напрегнато ниво и процесира информации од многу различни модалитети симултано. Им треба повеќе време за да размислуваат. И нивните прашања и одговори изгледаат многу чудно, обично велиме „надвор од кутијата“. Социолошки и емоционално често се или над потребното ниво или се неразвиени на ова поле, бидејќи се развиваат асинхроно. Затоа имаат посебни социо-емоционални потреби.

Кога зборуваме за надареност, би сакала да речам дека станува збор за потенцијал, а не за достигнување. Затоа што често тие деца не постигнуваат високи резултати во школо. Кога зборувам за овие креативни мислители, зборувам за оригиналност, преземачи на ризици, флуентност, флексибилност на мисла, критички процесирани вештини кои се на високо ниво и се брилијантно употребени. Тие земаат елементи за кои никогаш нема да помислите дека се поврзани и на тој начин доаѓаат до одговорот. Секогаш ми се интересни наставниците кога велат: „Како ти текна тоа?!“ Но, тие успеваат да си ја следат мислата. И навистина е интересно да го видиш нивното МР за тоа што се случува во нивниот мозок. Високоинтелигентна личност, дете кое достигнува високи резултати користи едно или две процесирања на мозокот. Но, во мозокот на надарено дете е како во флипер. Сè е на сите страни, мозокот бара пристап насекаде, во секој спомен, однос со луѓе, прави когнитивни конекции кои останатите луѓе вообичаено не ги прават.

Проф. д-р Алма Тасевска и Христијан Арсов

Талентирано дете е тоа што има висока надареност во конкретна област - за јазици можеби, или за визуелни или изведувачки уметности или во некоја стем-област – наука, технологија, математика. Нив обично ги нарекуваме академски надарени бидејќи станува збор за еден предмет. Тоа се 5 отсто надарени што постигнуваат високи резултати. Останатите 95 отсто се под оној чадор на поинакви дефиниции.

Како да се постапува со нив?

- Секогаш велиме дека овие практики треба да се имплементираат без посебен ред. Сите деца имаат различни стратегии за учење, особено оние на кои им е потребен модел на поинакво учење. Нивниот мозок процесира поинаку. Нормалната училница е токсична за нив – тие се силно емоционално трауматизирани од тоа. Често сум била сведок на ова во изминатите девет години. Тие го губат социо-емоционалниот развој, по малку, секоја година. Тоа создава многу опасни дупки. Имате брилијантна личност со ниски социолошки и емоционални способности. Моето истражување почна од надарени и талентирани индивидуи кои станале насилни или несоцијализирани во средината.

Талентот најчесто е многу прецизно одреден – музички, артистички, во една особена област. Надареноста е начин на кој мозокот процесира информација. Има многу надарени деца што исто така се и талентирани, но има талентирани што не се надарени и надарени што не се талентирани. Затоа мора добро да се разграничи, да бидеме многу јасни за што зборуваме и како ги препознаваме. На пример, дете што е музички или уметнички талентирано, можеби нема потреба од специјализиран курикулум во училишната средина, како што има потреба надарено дете, затоа што мозокот им функционира поинаку. Во другата ситуација зборуваме за висок капацитет во одредена област.


Која е најдобрата возраст да се скенира и да се почне да се работи со талентирано или надарено дете?

- По 20 години искуство, денес препорачуваме да се почека, барем до 6-7 години за официјално да ги препознаете и класифицирате. Зашто може да имате многу талентирано дете со мозок како сунѓер, да покаже карактеристики на надареност, а потоа ќе стагнира и ќе стане типично дете што постигнува високи резултати. Тие се многу успешни ученици и студенти, но не секогаш се надарени индивидуи. Па влегувате во социо-емоционални прашања и ова дете ќе го изложите на голем стрес ако го ставите во средина која не е соодветна за него. Тие деца се исклучително успешни во типична, традиционална училница. Затоа е многу важно не само да им се излезе во пресрет на надарените ученици, туку не сакаме погрешно да идентификуваме и да згрешиме со дете чиј мозок најдобро функционира во традиционална средина.




Многу е важно да се разбере дека не е целта да ги етикетираме (луѓето сакаат да етикетираат и да влегуваат во некаков елитизам, што е бесмислено), туку да им излеземе во пресрет на потребите на сите деца. Осум од водечките земји во светот што имаат одлични образовни програми, напредните и талентирани деца ги заштитуваат со специјализиран образовен чадор. Бидејќи им е потребно посебно образование. Сите имаат исти социо-емоционални потреби кои ние ја гледаме од другата страна на спектрумот.

Голем дел од нив имаат преклопувања - и попреченост и надареност. И имаат проблеми со однесувањето и неопходно им е да бидат под специјален образовен чадор. Тие го заслужуваат тоа и имаат законско право на специјална образовна програма, според тоа како функционира нивниот мозок. Исто како што деца со аутизам треба да имаат право на специјализирано образование, бидејќи нивниот мозок на поинаков начин ја процесира информацијата. Верувам дека ова е најважната дистинкција што мора да се знае.

Кажете ни повеќе за Вашите истражувања.

- Истражував пет различни училишта. Едно специјализирано само за талентирани, другото е за академски напредни ученици (надарени и високи достигнувачи во повеќе области - јазици, математика, науки), останатите функционираа на база на инклузија. Фасцинантно беше што сите овие ученици беа социо-емоционално под нивото на нивните врсници. Но, училиштата каде што беа издвоени изгубија. Секоја година сè повеќе се оддалечуваа од нивните врсници. Може да се каже дека учениците што беа во инклузивна средина, дури и ако заминуваа секој ден за да поминуваат по неколку часа со други надарени и талентирани деца поради стимулација, сè уште држеа темпо со нивните врсници. Тие всушност најмногу добија. Уште едно школо покажа позитивен раст - ги достигнаа врсниците за 6 месеци и социо-емоционално беа на исто ниво. Имаше помалку од 15 надарени ученици во класот и сите имаа длабока социо-емоционална врска со наставничката. Ние од невронауката знаеме дека сите информации се процесираат преку емоција и мора да ја имате таа емоционална врска со наставникот. Не е толку важна идеалната средина колку тоа што наставникот мора да има длабоко разбирање за социо-емоционалната потреба на надарените ученици. Да биде добро изверзиран, вешт да ги воспостави овие конекции и да помогне да се создаде креативна средина каде што првпат во својот живот ова дете ќе рече – се чувствувам безбедно, се чувствувам нормален, среќен сум, ова ми го спаси животот. Оти овие деца даваат токму вакви коментари. Решението е во комбинација од двете инклузии. Овие деца мора да научат како да се асимилираат со другите. Во светот на возрасните нема да работиш само со луѓе што се како тебе. Очекувани се проблеми кога си помалку развиен социо-емоционално бидејќи многу брзо си се развил интелектуално... Има широка популација на надарени и талентирани кои се борат со депресија, анксиозност...



Колкава е нивната бројка?

- Не постои, бидејќи голем дел од надарените и талентирани луѓе го минуваат животот неидентификувани, незабележани. Често тие се откажуваат од школото, се откажуваат од животот затоа што тие биле токсични за нив, а ние не сме ги охрабриле и поддржале, не сме им обезбедиле средина која се грижела за потребите на нивниот мозок. Не постои начин да го измерите, затоа што едноставно не можете да ги идентификувате. Обично велиме дека во училишната популација од 5 до 10 отсто од децата се надарени и талентирани. Тоа е просекот, и тоа можеме да го тврдиме. На ниво на светска популација не може да се одреди.

Што им препорачувате на претставниците на нашиот образовен систем? Што треба да се стори во поглед на надарените и талентирани деца?

- Како наставник на надарени деца, голем дел од изминатите 12 години поминав во помагање на традиционалните наставници да пронајдат и да препознаат надарено дете. За мене е лесно. Потесна специјалност ми е - дајте ми неколку минути и веднаш ќе ви ги посочам во училницата. Имаат проблем со однесувањето, тоа е кловнот во одделението, или е тивок и интровертен... Голем проблем е што традиционалните наставници глобално немаат тренинг, никаква подготовка и често погрешно ги идентификуваат надарените ученици. Ги посочуваат оние што постигнуваат високи резултати, оние што сакаат да му угодат на наставникот, често оние што добро балансираат, популарни се, среќни ученици. Тоа се само 5 отсто од надарените деца. Останатите 95 отсто се со проблематично однесување, креативно надарени, немаат високи достигнувања во рамките на зададената програма. Способни се, но досадно им е. Сметаат дека тоа им е залудно потрошено време. За наставниците, најважно е да им дадете многу едноставни алатки. Развивме еден модел, една страница со карактеристики на надарени деца, поделени во четири категории – критичко мислење, креативно мислење, истражување и афективно надарени. Последните не се посебно надарени, нивната надареност е во социолошките и емоционални поврзувања со останатите и со светот. Често велиме дека имаат шесто сетило, нагласена поврзаност со природата и тоа е нивната надареност. Сакаме и нив да ги препознаеме затоа што светот има потреба од што повеќе вакви луѓе. Сакаме да обезбедиме безбеден простор за нив - може да помогнат да се култивираат другите надарени и да помогнат да се развијат.



Така, преку една брза чек-листа за карактеристиките на надареноста, често правиме брза 15-20-минутна работилница за тоа како звучи надарено дете, како изгледа во училницата. И конечно да ги разбиеме митовите на тоа што е надарено дете. Затоа треба да се охрабрат и да им се даде моќ на наставниците. Бидејќи тие сè уште имаат таков став – не сакаат учениците да им го водат часот затоа што тие се одговорни за нивното образование или мислат дека овие деца само сакаат да си играат, не ја разбираат разликата во нивните мозоци. Токму затоа треба да ги охрабриме наставниците. Тие по природа се истражувачи, практицираат нешта, да ги вооружиме со наука за работата на мозокот на овие деца. Тоа е всушност когнитивата разлика, тоа е специјална потреба на овие деца. И да им помогнеме да имаат емпатија и сочувство, затоа што често имаме ситуации кога наставниците се чувствуваат загрозено од надарените ученици. И не секогаш ги сакаат. Затоа што тоа е ученикот кој го „малтретира“ наставникот, секогаш го преиспитува неговиот збор, го коригира. Наставниците да сфатат дека станува збор за менаџирање на стратегијата во училницата. Ако можете да им излезете во пресрет на „учачите“, треба да се погрижите и за потребите на „потешките“ ученици бидејќи тоа е нивниот крик за помош, не е недисциплина, тоа е повик да го разберете јазикот на нивниот мозок. Бидејќи, на крајот на краиштата, не постои наставник кој не сака деца. И овие насоки ќе им помогнат во секојдневието во училницата. Само треба да им ги разбудите инстинктот и желбата да сакаат да ги препознаат овие деца, и наместо закани, да покажат емпатија кон нив. Тука е клучот.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема