X
 22.04.2022 Наша тема

Тие што имаат повеќе, да им дадат на оние што имаат помалку – „Нула гладни“ од Велес организира голема акција за Велигден

Со помош на Црвениот крст и волонтери, запуштена барака претвориле во народна кујна. Во првите шест месеци поделиле 6.500 оброци. Досега хуманите граѓани им донирале околу 23.000 оброци на социјално загрозени лица за помалку од три години, вели Трајче Мешков

„Идејата беше да бараме од тие што имаат повеќе за да им дадеме на тие што имаат помалку. Да не се лажеме, во Велес има еден куп гладни луѓе. Од почетокот беше наивно, но потоа стана храна за душата: колку повеќе даваш, толку ти е поубаво“, вели Трајче Мешков за акцијата „Нула гладни во Велес“. Тој заедно со неколку хумани велешани во последните три години им обезбедува топол оброк на социјално ранливите категории граѓани во Велес.

Ниту три кражби, ниту пандемијата, ниту економската криза не успеаја да ги поколебаат хуманите велешани да донираат, предводени од сопственикот на гостилницата „Боем“, па в понеделник, на вториот ден од големиот христијански празник Велигден, ќе организираат нова акција – ќе обезбедат топли оброци за граѓаните.
Приказната почнала од наивната идеја за „условен оброк“. Во светот постоел тренд на „условено кафе“, кога во кафуле доаѓаат луѓе и си купуваат кафе за себе и плаќаат условно кафе за оној што нема, па Трајче дошол на идеја да продаваат „условен оброк“, односно оној што ќе дојде да си купи за себе, да плати оброк за оној што не може да си дозволи, но по повластена цена или цена без заработка.



- На смеа, на шега, им реков на колегите и пријателите и ние да направиме акција. Кај нас во гостилницата нема гости што седат подолго време, туку доаѓаат, јадат и си одат, а често купуваат и готова храна за дома. Па си рековме и ние да продаваме условен оброк. Ако нормалниот оброк за потрошувачите е 90 денари, условниот оброк е 65 денари. Тука се вклучени средства за намирниците, за работната рака и за енергентот, за ништо друго. Со наивен пост на „Фејсбук“ за три дена собравме пари за 800 оброци. Јас бев вчудовиден од реакцијата на купувачите - ги објасни Мешков почетоците на идејата за „Нула гладни“, која се родила во 2019 година.

Немајќи искуство, гостилницата го делела оброкот на кого ќе стигнала затоа што немале евиденција кои луѓе се најзагрозени. Откако почнале да делат храна на големите христијански празници, имале проблеми наредниот затоа што оние вистински гладните доаѓале и барале храна.
Се родила идејата дека условниот оброк ќе се случува на верски празници, а Трајче и неколку хуманитарци да направат Здружение за помош на социјално загрозени лица „Нула гладни“ од Велес.



- Направивме буџет за првите шест месеци за да храниме по 35 луѓе дневно. Со помош на Црвениот крст и волонтерите најдовме запуштена барака која ја реновиравме и ја подготвиме да биде народна кујна. Во првите шест месеци дадовме 6.500 оброци. Имавме проблеми на кого да ги даваме оброците затоа што немавме база на луѓе, а базата во Центарот за социјални работи не беше обновена со години. Ни излегоа во пресрет хуманитарците Ленче Здравкин, свештеникот Филип Андреев и Орце Николов од Црвениот крст. Здравкин и новинарката Убавка Јаневска имаа проект со кој беа мапирани сите сиромашни граѓани. Луѓето што сакавме да ги нахраниме беа граѓани кои немаа ниту на што да зготват, па им требаше готов пакет со храна. На почетокот имавме проблеми со комуникацијата со нив, но го фативме редот. Тие луѓе немаат телефон, немаат интернет – рече Мешков.



По паузата во летниот период, втората акција била од ноември 2020 година и траела до мај 2021 година, но со намален буџет со кој се хранеле 20 луѓе дневно.
Но, празничните акции во меѓувреме се зголемиле. Во 2021 година здружението почнало да дава околу 800 оброци и на помош морале да дојдат волонтерите од Црвениот крст. Од октомври 2021 година до мај годинава завршува третото тримесечје со по 20 оброци дневно и кога ќе се соберат трите акции, се доаѓа до бројка од околу 18.000 оброци. Заедно со 6.000 оброци поделени на четирите верски празници Бадник, Божиќ. Водици и Велигден, досега хуманите граѓани им донирале околу 23.000 оброци на социјално загрозени лица за помалку од три години. Во оваа статистика не е вклучена акцијата за време на пандемијата, првиот четврток по Велигден во 2020 година кога велешани беа спречени да го посетат манастирот „Свети Димитрија“.

- Имавме една акција во „Свети Димитрија“ во текот на пандемијата. Беше забрането да се оди во манастир, а таму велешкото лепиње со плескавица е симбол. Направивме акција со волонтери од Црвениот крст, поделивме 1.000 лепињи. Цел ресторан беше како фабрика. Немаше минувач на кој не му дадовме. Морам да напоменам дека во текот на сите акции секогаш одвојувавме по 20-30 оброци за припадниците на МВР, на противпожарната единица, на Итната помош и на инфективното одделение - истакна Мешков.

За велигденските празници гостилницата повторно организира голема хуманитарна акција. Овој пат ќе се одржи на 25 април, на првиот ден по Велигден. За разлика од претходните, оваа година со секој оброк ќе се подели и едно црвено велигденско јајце. И годинава донатори ќе бидат бившиот фудбалер Панче Ќумбев, свештеникот Филип Иванов од Евангелската црква, бизнисменот Васил Ристовски и Повардарската епархија на МПЦ-ОА.



Овие луѓе заедно со уште неколку иселеници од дијаспората кои сакале да останат анонимни, постојано помагаат, дури и во моментите кога Мешков сакал да се откаже поради кражбите на кутијата со пари.

- Иселениците ги предводат големите хуманитарци Трајче Папазовски од Велес и Ердован Етовски од велешко Мелница. Тие двајца ми беа ветер в грб кога требаше да ја отвориме кујната. Истите луѓе повторно помогнаа кога нѐ ограбија, оти бев решен да се откажам. Еднаш ја најдовме кутијата во Вардар. Едно момче ја извади и ми рече да продолжам да го правам ова. Вториот пат ни ја украдоа од метално синџирче. Третиот пат 20-годишен крадец од Скопје влезе во гостилницата и ја зеде кутијата. Полицијата го уапси следниот ден, но го пушти и покрај доказите, па тој направи уште една кражба. Уште постои кутијата, но сега во неа собираме пари за колешката која има болно дете од аутизам со силни епилептични напади. Ѝ требаат пари за лекување во Германија и веќе се собрани потребните 5.000 евра за терапијата – објасни главниот протагонист на „Нула гладни“.

Мешков вели дека во текот на сите акции често во редот имало луѓе на кои не им била толку потребна храната, но сепак таквите минорни злоупотреби не успеале да ја осрамотат акцијата. Сѐ се заборавало кога ќе се случел некој момент кој ја враќа вербата во човештвото.



- Најмногу бев погоден од луѓе што сме ги хранеле неколку месеци и потоа доаѓаа и велеа: „Трајче, фала многу што ни помогнавте. Сега имаме работа, се снајдовме колку толку, па оброкот дајте му го на оној што му е попотребен.“ Такви се неколкумина. Се сеќавам на полицаец со три деца кој добил отказ од работа, а сопругата му била почината. Две акции го храневме. На второто шестмесечје дојде и ми рече: „Најдов работа, успеав да го запишам синот на факултет. За другите две деца имам да ги прехранам.“ На една акција дојде човек кој ја донираше целата храна што требало да ја однесе на гробот на неговата мајка, рече: „Подобро дајте им ја на сиромашните.“ Овие моменти ви ја полнат душата.

Мешков вели дека секој е добредојден на акциите, гладот не познава вера и политика. Иако последните месеци губат сила со економската криза, тој смета дека секогаш ќе има поединци кои сакаат да му помогнат некому, затоа што хуманоста не е повик, туку чувство и потреба да се одвои од своето и да се даде на сиромашните.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема