X
 03.07.2020 Наука

На НАСА ѝ се потребни вашите идеи за астронаутски тоалети на Месечината

НАСА побара помош од јавноста за дизајнирање нови тоалети што астронаутите би ги користеле на Месечината. Новото одење на Месечината претставува вистински предизвик, можеби и поголем од носењето луѓе во орбитата на Меѓународната вселенска станица.

Предизвик е како астронаутите ќе одат во тоалет, кога ќе треба да се справат со тешкотии предизвикани од микрогравитацијата и долгиот пат до Месечината.

Она што од НАСА го бараат е нов концептуален дизајн за компактни тоалети што можат да работат во услови на микрогравитација и Месечева гравитација.

Вселенските верзии на тоалети веќе се користат на Меѓународната вселенска станица, но тие се дизајнирани за микрогравитација, а не за посилна гравитација каква што има на површината на Месечината.

наса
Фото: Pixabay

Исто така, НАСА сака тоалетите да бидат помали и поефикасни бидејќи едни од клучните работи при дизајнот се големината и тежината, односно колку помали, толку подобри. Овие тоалети НАСА ќе ги искористи во мисијата „Артемис“, чија цел е враќање на човекот на Месечината.

Вселенската агенција веќе работи на приспособување на постојните тоалети, но бара идеи од јавноста со надеж дека би можеле да пристапат кон проблемот со размислување различно од традиционалното вселенско инженерство.

Секој може да ја испрати својата идеја до 17 август, а победникот ќе биде прогласен на крајот од септември. Наградата е 35.000 долари, а ќе биде поделена помеѓу три победнички идеи.

ТУКА можете да ја испратите вашата идеја, доколку ја имате.

Извор: Independent UK
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука