X
 03.07.2024 Живот

„Скопје има микроклима - изгор лето, кочан зима“

Насловот е рефрен од познатиот хит на групата „Леб и сол“, а текстот е на Горан Стефановски. Да, изгор лето почна малку порано во месец јуни, со екстремно високи температури на воздухот во Македонија, но и во други региони во светот. А во јули и во август знаеме отсекогаш дека времето е многу жешко во Македонија. Затоа, решив да напишам нешто како тоа се одразува врз луѓето, односно врз човечкиот организам, и кои се комфорните услови за престој во просториите.

Параметри на надворешен воздух

Речиси сите јавни медиуми, особено телевизиските канали, емитуваат временска прогноза и најчесто ја прикажуваат само температурата на воздухот, максимална и минимална. Но има еден параметар кој исто така е важен за човечкиот организам, а тоа е релативната влажност на воздухот (понатаму именувана само како влажност), особено во летниот период. Таа влијае врз потењето, кое е нормална појава кај човечкиот организам, а тоа е корисно бидејќи на тој начин се оддава топлина од телото кон околината и плус организмот се ослободува од некои токсични материи. Значи, со потењето се регулира телесната температура на човекот. Но ако околниот воздух има голема влажност, оддавањето на влагата (потта) е отежнато. Затоа, покрај надворешната температура, пожелно е да се следи и релативната влажност на воздухот. Во летниот период во Скопје влажноста во текот на денот се движи најчесто во граници од 65% (наутро) до 35% (попладне). Токму кога температурата на воздухот е највисока, тогаш влажноста е пониска, а тоа е позитивно за човечкиот организам. Меѓутоа, пред или по врнежи од дожд влажноста е поголема од вообичаените вредности и тогаш човечкиот организам „се мачи“ од многу топлина бидејќи потта не може да се оддава од кожата кон многу влажен воздух.

Има региони во светот каде што надворешната температура во лето е умерена, но со висока релативна влажност на воздухот од 80% до 95%. Такви услови (претежно во крајбрежни региони) не се комфорни за луѓето. Затоа, системите за климатизација таму се вклучуваат за одвлажнување на воздухот. Овие денови се одржува Европското првенство во фудбал во Германија и видовме на некои натпревари се правеа вонредни паузи за освежување на играчите иако температурата таму беше околу 30 оС, но влажноста беше многу висока. Има региони (на пример, Саудиска Арабија) каде што температурата на воздухот е многу висока (40 до 50 оС), но со многу ниска релативна влажност од околу 5% до 10%. Најлоши услови се оние кога истовремено има и високи температури и голема влажност, како на пример региони со тропска клима. Но кога атмосферските услови не се погодни, луѓето можат да ги избегнат со престој во затворени простории каде што со помош на опрема за климатизација може да се одржуваат погодни услови.

Комфорни услови во просториите

Човечкиот организам има константна температура од 37 оС, која може да варира во многу тесни граници. Со внесување храна и дишење воздух (кислород) во организмот се создава енергија, а преку површината (кожата) на телото и со дишење се оддава топлинска енергија на околината. Така се врши терморегулација, при што се одржува константна температура, а зависно од надворешните услови се употребува и соодветна облека. Но често околните услови се такви (ниска или висока температура) што сопствената терморегулација и облеката не се доволни и тогаш е потребно просторијата да се загрева или лади, т.е. да се создаваат и одржуваат комфорни услови.

Топлината што ја оддава човекот зависи од физичката положба (седење, одење, физичка работа), од температурата, влажноста и брзината на струење на околниот воздух, температурата на околните ѕидови и др. Нормално облечен човек во седечка положба работејќи многу лесна работа ослободува околу 118 W топлина. Притоа, еден дел е т.н. осетна топлина која се оддава со конвекција и зрачење, а другиот дел е т.н. латентна топлина која се оддава со дишење и потење во вид на водена пареа. При големи физички активности и ниска температура се ослободува неколку пати поголема топлина.

Човекот релативно лесно се приспособува на околните климатски услови во широки граници, но сепак постои извесно подрачје на удобност во кое тој се чувствува најпријатно и неговата активност е најефикасна. На ова имаат влијание следниве фактори: индивидуалност, навики, облекување, возраст, потекло, годишно време и др. За обезбедување комфорни услови, најголемо значење имаат температурата и влажноста на воздухот. Исто така, треба да се земат предвид и брзината на воздухот, дотур на свеж воздух и др.

Во светот не постојат единствени критериуми за комфорните услови, но може да се дефинира заеднички дијапазон во кој тие треба да се движат:
температура: 20 до 27 оС,
релативна влажност: 35 до 65%.
При повисока температура, пожелно е влажноста да не биде многу висока.

За летниот период се препорачува температура од 27 оС (или 26 оС) и влажност од 50%. За овие услови потребна е и соодветна лесна облека. При овие параметри се обезбедува удобност со помала потрошувачка на енергија. На пример, во летниот период температурата од 25 оС е поудобна, но потрошувачката на енергија ќе биде поголема.

Покрај температурата и влажноста, потребно е да се обезбедува и квалитет на внатрешниот воздух во поглед на концентрации на штетни материи како што се СО2, СО и сл. За таа цел треба да се доведува свеж воздух, односно да се врши вентилација. Количеството на свеж воздух се одредува според намената на просторијата и според норматив за едно лице или број на измени на воздух во тек на еден час. Треба да се напомене дека подготовката на свеж воздух „влече“ дополнителна потрошувачка на енергија за ладење.

Во некоја следна пригода ќе опишам какви решенија постојат за климатизација на воздухот во просториите во зависност од намената, капацитетот, околината и др.


Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет - Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот