Следните 12 месеци ќе бидат клучни во битката за климата, изјави денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, цитиран од ДПА.
Гутереш од говорницата на Меѓународната конференција за климата во Мадрид подвлече дека светот станува сè потопол и тоа се случува многу побрзо. Неповратните точки се сосема видливи и се приближуваат со молскавична брзина, предупреди тој.
Гутереш забележа дека ограничувањето на глобалното затоплување во рамките на 1,5 Целзиусов степен, што е една од забележаните цели во договорот за климата од Париз, сè уште може да се постигне, но човечештвото многу заостанува.
- За да го запреме трендот на глобално загревање над овие вредности, ќе треба да преземеме мерки, вклучувајќи го и неградењето нови електроцентрали на јаглен по 2020 година и потоа државите и цели индустриски сектори, како бродоградбата, да ги натераме да преземат обврски да бидат јаглерод-неутрални во следните децении - рече генералниот секретар на ОН.
Гутереш повика на повеќе амбиција, повеќе солидарност и поитни дејствија.
Извор: МИА