X
 03.08.2016 Наука

Научни теории и факти во кои Доналд Трамп не верува

Ова се научните теории и факти во кои Доналд Трамп тврди дека не верува.

Климатските промени

Пред неколку децении, Републиканската партија од која Трамп денес е дел, беше насочена кон науката. Сепак, поттикната од поддршката на енергетскиот сектор на фосилни горива, партијата за брзо се претвори во политичка организација која смета дека климатските промени се ништо повеќе од лаги измислени од научниците и поборниците за животна средина.

Секако, во ова е смешно човек да верува, меѓутоа Трамп ја прифати целата идеја. Тој смета дека климатските промени се заговор долго време пред започнувањето на неговата кампања, заложувајќи се дека станува збор за измама измислена од Кинезите, со цел да се направи американското производство неконкурентно.

Ова се чини дека би било прилично глупав потег од кинеската влада, особено со оглед на фактот што тие го потпишаа договорот во Париз со цел да ги ублажат климатските промени. Се чини дека цела низа на научни организации, вклучувајќи ја и НАСА, исто така се дел од „шегата“ - после се', тие постојано нудат податоци за тоа колку е јасна поврзаноста со емисиите на стакленички гасови и климатските промени.

Како вториот најголем емитент на стакленички гасови на планетата, Америка треба да соработува со Кина за да пронајде начин за ублажување на климатските промени. Договорот во Париз е одлична рамка за ваквото функционирање, но Трамп сака да ја повлече Америка. Ова ќе предизвика огромна штета врз природниот свет и глобалната економија.

Но, се чини дека и самиот Трамп не си верува во сопствените теории на заговор на темата - после се', тој сака да изгради ѕид околу неговиот голф терен за да го запре еродирањето предизвикано од зголемувањето на нивото на морето.

Што значи, неговите негирања за климатските промени се мотивирани од непосредните монетарни заштеди, отколку значајни долгорочни добивки во однос на нови работни места, подобра инфраструктура, енергетска независност и подобра средина за следната генерација. Инаку, неговите коментари во врска со климатските промени се толку неповрзани што речиси е невозможно да се открие што тој точно мисли во врска со ова прашање.

„Верувам дека глобалното затоплување е најголемиот проблем во нашата земја, но е направено од нуклеарната различност. Тоа е она на кое треба да внимаваме“, изјави Трамп за време на неговиот говор во Индијана.

Животна средина


На прашањето кои владини институции тој ќе ги елиминира за да заштеди пари, тој изјави: „Апсолутно Одделот за животна средина. Овој оддел го убива нашиот бизнис. DEP не' убива“.

Како што беше истакнато од Стивен Колберт, DEP не постои, па дури и да постоеше буквата P во овој акроним нема никакво значење. Веројатно, Трамп мислеше на Агенцијата за заштита на животната средина (Environmental Protection Agency - EPA) чија цел е да го зачува природниот свет, да ја заштити водата и квалитетот на воздухот и да го заштити здравјето на луѓето - јасно, работи за кои Трамп не се грижи.

Вакцинација

Се чини дека Доналд цврсто верува дека вакцините предизвикуваат аутизам. Ова е идеја која потекнува од Ендрју Вејкфилд, кој објавил труд во врска со оваа тема.

„Луѓето кои работат за мене, се сведоци на овој феномен. Тие ги вакцинирале нивните две годишни деца, и една недела подоцна, децата добиле треска, станале болни и сега се аутистични“, изјави Трамп за време на една телевизиска дебата.

Врската помеѓу вакцините и аутизмот се апсолутна глупост, а со ваквото перење на мозокот, ќе започнат да се шират епидемиите и сипаниците.

Спиењето и сонот


Трамп со гордост неколку пати нагласи дека не му е потребен сон. „Знаете, јас не сум голем спанко. Спијам три часа, четири часа, се вртам и сакам да станам да дознаам што се случува“.

Истражувањата покажуваат дека недостатокот на сонот ја намалува способноста на луѓето да размислуваат рационално. Тие не можат да ги контролираат своите емоции и не можат да прават разлика помеѓу моралниот и неморалниот избор. Исто така, недостатокот на сонот предизвикува намалување на долгорочната меморија и нарушување на когнитивното функционирање толку многу што може да се каже дека состојбата е слична кога еден човек е пијан.

Такашто, ако Трамп навистина спие само три часа навечер тој постојано е пијан додека донесува одлуки значајни за светот.

Вселена

Неверојатно е тоа што Трамп не мисли дека Земјата е рамна, бидејќи ова мислење одговара на неговата идеја за вселената и науката. Сепак, тој не е многу заинтересиран за обидите на НАСА да ги освојат ѕвездите и вселената.

Минатата година, едно 10 годишно момче го запраша Трамп што мисли за НАСА. „Вселената е неверојатна. Но, во моментот имаме многу поголеми проблеми - ме сфаќаш? Ние мора да ги поправиме нашите дупки, а немаме многу пари“, одговори Трамп.

Америка е најбогатата земја во светот. Од 2009 година, економијата е се' посилна и посилна, а за дел од тоа заслужна е НАСА. Агенцијата прави 10 долари за секој долар потрошен за неа,  такашто финансирањето на НАСА не само што ќе помогне во истражувањето на вселената, туку и ќе ја зголеми економијата. Моментално, федералниот буџет за НАСА е 0.4% во однос на целосниот.

Очигледно е дека има доволно пари за финансирање на НАСА. Всушност, финансирањето и треба да се зголеми.

Ѕидот на незнаењето

Иако анкетите велат дека постојат само 38 отсто шанси Трамп да стане претседател, сепак шансите се големи, а овие научни ставови ја откриваат штетата која Трамп би ја направил со неговата победа. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука