X
 03.08.2016 Живот

Што не треба да правите ако надвор грми?

Кога станува збор за лошите временски услови, пролетта и есента се годишни времиња кога има најмногу дожд и грмотевици, па затоа добро би било да знаете неколку интересни работи кои можат да ве заштитат од удар од гром.

Навистина, додека грми најсигурно е да се засолните во куќа, но тоа не значи дека не треба да спроведете мерки на превенција. Ако зградата во која се наоѓате ја погоди гром, електрицитетот веројатно ќе помине низ електричните инсталации до земјата. Поради тоа, добро би било да не телефонирате од телефон приклучен во струјата. Избегнувајте вода или машина за перење алишта и садови, компјутер или било што поврзано со електрична инсталација во зградата. Додека грми треба да ги исклучите сите електрични уреди од струја (компјутер, антена, фен, бојлер, полнач за мобилен телефон).

Автомобилот е безбедно место додека грми, само ако имате фиксен покрив. Голф возилата и кабриолетите не се сигурни. Автомобилот е како таканаречениот Фарадеев кафез, што значи дека сте заштитени од електрицитетот.

Во текот на грмењето, громот може да погоди едно исто место и повеќе од еднаш, а важно е да знаете дека треба да останете во затворена просторија уште најмалку половина час после невремето.

Голем дел од луѓето не знаат дека громот може да удри и до 15 километри од местото кадешто врне. Ако слушнете грмотевица, тогаш се наоѓате во рамките на областа која може да биде погодена.

Како да ја пресметате оддалеченоста на бурата?

Со оглед на тоа што светлината патува побрзо од звукот, громот прво се гледа, а потоа се слуша.

Избројте ги секундите кои поминале од појавата на громот до звукот кој го следи. Бројот на секунди помножете го со брзината на звукот која изнесува приближно 340 метри во секунда. Резултатот е она што ни е потребно, оддалеченоста на која удрил громот. На пример, ако видите грмотевица, броите: 1,2,3,4. Кога ќе слушнете грмење, тогаш множите 340 со бројот на секунди (во овој случај 4) што е еднакво на 1360 и одговара на бараната оддалеченост во метри.

Уште неколку совети


Ако сте на море, подобро е да излезете од вода и да се засолните некаде бидејќи водата го привлекува громот. Ако сте под највисокото стебло, тогаш добро би било да се тргнете. Подобро одете до најниското стебло.

За крај - дали треба да се плашите од гром? Вистина е дека може да предизвика штета, а понекогаш и да убие, но тоа ретко се случува. Само следете ги советите и безбедно ќе ја поминете секоја бура.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот