X
 13.11.2017 Култура

Интересно: Стивен Кинг за тоа како се пишуваат бестселери...


Стивен Кинг
(Фото: Wikimedia Commons)



Стивен Кинг, еден од најпопуларните писатели на денешницата, во своите мемоари „За пишувањето“ (On Writing) нуди бесценети совети за тоа како да се стане добар писател.

Ако сакате да станете добар писател, следете ги овие совети:

1 . Исклучете го телевизорот и читајте

„Ако сакате да се занимавате со пишување, телевизорот или компјутерот е првата работа од која мора да се откажете, со оглед на нивното погубно дејство врз креативноста. Писателите треба да се свртат кон своето внатрешно битие и светот на фантазијата, а за да го направат тоа, треба да читаат што повеќе“, вели Кинг.

2.  Подгответе се за многу повеќе неуспех и критика отколку што можете да поднесете

Кинг го споредува пишувањето со преминувањето на Атлантскиот Океан во када, затоа што и двете страни нудат „еднакво многу можности за сомнеж во себе“.

„Треба да продолжите со пишување дури и ако ја изгубите желбата за тоа. Останете позитивни дури и ако доживеете неуспех“, вели тој.

3. Не трошете го времето обидувајќи се да ги задоволите другите луѓе

Кинг некогаш се срамел од своите дела, особено откако во многу писма гневни читатели го обвиниле за лицемерие, хомофобија и психопатија.

Сепак, до својата 40-та година се изборил со критиката.

„Ако не ви се допаѓа тоа што го пишувам, можам само да ги спуштам рамената. На луѓето бездруго никогаш не ќе можете да им угодите“, смета Кинг.

4. Пишувајте првенствено за себе

„Би требало да пишувате затоа што тоа ќе ве направи среќни и ќе ве исполни. Само така ќе имате желба да пишувате за навек“, открива Кинг.

5. Занимавајте се со работи што се најтешки за пишување


„Најважните работи на светот, најтешко се изговараат. Тоа се работи од кои се срамите затоа што зборовите го намалуваат значењето на она што го говорите. Страниците од некои најдобри дела од светската книжевност настанале по многу часови размислување. Пишувањето е рафинирано размислување“, вели Кинг.

6. Кога пишувате, изолирајте се од светот


„Пишувањето би требало да биде интимна активност. Поставете ја масата во аголот од собата и елиминирајте ги сите можни дистракции, почнувајќи од мобилен телефон до отворен прозорец. Пишувајте со затворени врати“, советува Кинг.

7. Не бидете претенциозни


„Една од најлошите работи што можете да ги направите е, со желба да го дотерате речникот, да избирате подолги зборови затоа што се срамите од пократките. Тоа е како на својот миленик да му облечете вечерна тоалета. Ќе биде засрамувачки и за вас и за него.“

8. Избегнувајте долги пасуси

„Нека течат во согласност со ритамот на самата приказна. Изгледот на пасусот е исто така важен како и неговата содржина“, смета писателот.

9. Не оптоварувајте се со граматика

„Пишувањето е првенствено работа на заведување, не на прецизност. Најважно е читателот да се вовлече во приказната, токму толку за да заборави во моментот дека воопшто чита.“

10. Усовршете ја вештината на опишување

„Таа почнува во фантазијата на писателот, но продолжува во главата на читателот“, смета Кинг, додавајќи дека најважната работа не е да се напише доволно, туку да се ограничи она што сакате да го искажете.“

„Визуализирајте го она што сакате да го почувствува читателот, а потоа она што го гледате во умот пренесете го на хартија со зборови. Притоа, не малтретирајте го читателот; целта на добрата дескрипција е јасноста, како во период на опсервацијата, така и во текот на пишувањето“, вели Кинг.

11. Не давајте премногу заднински информации


„Постои разлика помеѓу пишувањето за она што го знаете и она што ќе ја збогати приказната. Треба да дадете само онолку информации што ќе бидат доволни за да го задржат читателот да продолжи со читање“, истакнува Кинг. Ако морате да спроведете истражување, не дозволувајте резултатите да ја засенат приказната. Истражувањата треба да се сместат што подалеку во заднина.“

12. Раскажувајте приказни за тоа што луѓето навистина го работат


„Лошите дела не се засноваат само на ужасна синтакса или лоша опсервација; лошите дела најчесто настануваат од тврдоглавото одбивање да пишувате за работи кои луѓето навистина ги работат, на пример, убијците навистина понекогаш им помагаат на бабичките да ја преминат улицата.“

13. Ризикувајте

„Пасивниот глас е најголем показател на стравот и убеден сум дека претставува корен на лошото пишување“, вели Кинг.

„Пробајте што сакате, без оглед колку тоа би било вообичаено или не. Ако функционира, во ред. Ако не функционира, преминете на нешто друго“, советува писателот.

14. Сфатете дека не морате да се дрогирате за да бидете добар писател


„Идејата дека психоактивните супстанции ја поттикнуваат креативноста е еден од најголемите поп-интелектуални митови на нашето време. Консументите на дроги или алкохол едноставно се консументи на дроги или алкохол“, смета Кинг.

15. Не обидувајте се да копирате туѓ стил освен ако не се работи за вежба


„Тоа е затоа што оваа техника доаѓа со големи ограничувања – никогаш нема да успеете целосно да репродуцирате нечии емоции и начинот на кој се гледа вистината, особено не низ провидно сличен речник или заплет“, советува Кинг.

16. Сфатете го пишувањето како форма на телепатија

„Сите најдобри уметнички дела зависат во некаква мера од телепатијата, но пишувањето е нејзината најчиста, дестилирана форма. А еден од најважните елементи на пишувањето е преносот. Вашата работа не е да испишувате зборови на хартија, туку да ги пренесете своите идеи во главата на читателите. Зборовите се само медиум низ кој се спроведува тој трансфер“, вели Кинг.

17. Сфатете го пишувањето сериозно

„Кон пишувањето можете да пристапите со чувство на нервоза, возбудување, надеж или очај. Сфатете го како сакате, само немојте да го сфаќате за лесно“, советува писателот.

18. Пишувајте секој можен ден

„Кога еднаш ќе почнам со работа на некој проект, не застанувам и не забавувам освен ако апсолутно не сум принуден. Ако не пишувам секој ден, ликовите во мојата глава ќе почнат да бледнеат, и го губам чувството за приказната и нејзиниот ритам“, вели Кинг.

„Кога ќе почнете да ја сфаќате работата како работа, тогаш се појавува 'бакнежот на смртта'“.

19. Завршете го своето прво дело во рок од три месеци

Кинг пишува по 10 страници на ден. Во период од три месеци овој писател може да напише околу 180.000 збора на ден, што е доволно за едно комплетно дело.

„Ако поминете повеќе од едно годишно време пишувајќи книга, во еден момент најверојатно ќе се почувствувате отуѓени од своето дело“, смета писателот.

20. Кога ќе го завршите делото, оддалечете се од него на извесно време

Кинг смета дека е најдобро да се направи пауза од шест недели, за подоцна со бистар ум да можете повторно да се навратите кон него и да ги забележите сите дупки во развојот на приказната или ликовите.

21. Одречете се од своето дело

При ревизијата на своите романи, на писателите им е тешко да ги бришат досадните делови затоа што на истите потрошиле многу време.

„Дури и ако тоа ќе го скрши вашето мало егоцентрично писателско срце, убијте го вашето 'чедо'“, советува Кинг.

22. Зачувајте го бракот, бидете здрави и имајте добар живот

Според Кинг, клучот на успехот се крие во одржувањето животна рамнотежа.

„Комбинацијата на здраво тело и стабилна врска со независна жена која не ги трпи моите или чии било срања е заслужна за континуитетот во мојата кариера“, вели Кинг.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура