Астрономи испратиле 18 различни видови на бактерии во Меѓународната вселенска станица. Целта не е да се зарази истражувачкиот центар, туку да се утврди дали микробите кои извлекуваат минерали би можеле да им помогнат на астронаутите во рударењето на вселенски карпи во идните мисии. Ако експериментот наречен „БиоРок“ доживее успех, истражувачите велат дека тоа би можело да му помогне на човештвото карпите на Месечината или на Марс да ги претвори во плодна почва.
Научниците не знаат со сигурност колку гравитацијата е важна за овие бактерии. Со експериментот ќе се истражи колку бактериите се способни да формираат биофилмови и да се држат до камењата во микрогравитација и симулирана марсовска гравитација.
-Експериментот почнува да ги составува парчињата од сложувалката. Сфаќањето како микробите функционираат, растат и влечат елементи од карпеста површина во микрогравитација и симулирана марсовска гравитација ќе ни каже дали малата гравитација влијае на способноста на микроорганизмите да се прикачат на камени површини и да извршат биорударење. Со други зборови, дали е можно екстратерестријално рударење - истакна Чарлс Кокел, астробиолог од Универзитетот во Единбург, кој го предводи
проектот.