X
 15.09.2020 Наука

Наскоро можеби ќе го гледаме Марс во 8К-резолуција

Јапонскиот центар за вселенски истражувања (ЈАХА) и радиодифузерот НХК ги спојуваат силите за да развијат вселенска камера која ќе може да снима во резолуција од 4К и 8К за да го сними Марс како што никогаш не бил снимен. Во меѓувреме, 8К-видеата се неверојатно скапи тука на Земјата, па ако добивате снимка со толку висока резолуција, може да е и нешто надвор од овој свет.

Во соопштението со кое беше објавена соработката од ЈАХА истакнаа дека камерата ќе ја снима Црвената Планета сосе нејзините месечини Фобос и Дејмос за време на планираната мисија на центарот наречена „Истражување на месечините на Марс“ (MMX). Штом еднаш ќе биде поставена на вселенското летало, камерата ќе го фотографира Марс во редовни интервали и делумно ќе ги пренесува на Земјата за да се направи убава снимка и оригиналите ќе се сочувуваат во капсула која ќе се врати назад дома.



Освен што ќе го снима Марс, камерата ќе им помогне на ЈАХА и НХК да го визуализираат однесувањето на вселенското летало тука на Земјата така што ќе ги комбинираат податоците за летот со фотографиите со ултрависока резолуција. Исто така, може да им помогне и во оперирањето со леталото.

MMX треба да биде лансирано во 2024 година и да стаса на Марс до 2025 година, па ќе почекаме малку пред да ја видиме снимката во 8К-резолуција. Толку детални снимки може да им помогнат на научниците да ја разрешат енигмата за историјата на Марс и да обезбедат подобар поглед на тоа како микроорганизмите и водата опстојуваат на површината на планетата. И секако, НХК ќе си замине од договорот со буквално уникатна снимка која никој друг радиодифузер ја нема. Тоа значи добитна ситуација за двете страни.

Извор и насловна фотографија: Gizmodo
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука