X
 03.09.2021 Живот

Работна недела од 4 дена: Која земја ја применила и какви се искуствата?

Работодавците низ светот почнаа со тестирање на четиридневната работна недела, што е уште една промена што пандемијата ја донесе во светот по работа од дома.

Работодавците во Шпанија, Нов Зеланд, Јапонија, но и во Данска и Исланд почнаа да практикуваат пократка работна недела, односно до четврток.

Дискусијата за „скандинавскиот модел“, кој се базира на претпоставката дека продуктивноста ќе се зголеми доколку се намали бројот на работни часови, не е нова. Меѓутоа, во последно време повторно стана актуелна поради кризата со коронавирусот.

И не само меѓу сопствениците на бизниси, туку и во јавниот сектор и меѓу политичарите.

Дилемата за семеен живот или кариера

Во Европа, шпанската влада ја разгледува можноста за воведување на овој модел со цел да се забрза економското закрепнување. Од друга страна, јавната администрација во Данска и во Исланд веќе го усвои моделот и вработените работат само до четврток.

Агенцијата за привремени вработувања „Адеко“ наведува дека многу компании воведуваат пократка работна недела, особено во контекст на недостигот на работна сила во малопродажбата и угостителството.

- По ковид-кризата луѓето станаа свесни дека нивните претходни услови за работа не беа најдобри. Сега тие мислат дека не треба да го жртвуваат својот личен живот поради кариерата - вели Кристоф Кејтор, првиот човек на „Адеко“.

работна недела
Фото: Freepik

Компанијата „Унилевер“ од Нов Зеланд ја тестираше четиридневната работна недела, додека во Јапонија, „Мизухо“, третата банка по големина, им нуди можност на своите 45.000 работници да работат три или четири дена.

„Телефоника“ ја скрати работната недела, но и платата


Иако многумина се скептични за тоа колку промени во светот на работата ќе се случат по завршувањето на пандемијата, шпанската телекомуникациска компанија „Телефоника“ е меѓу компаниите што тестираат четиридневна работна недела.

Засега 10 отсто од вработените на шпанскиот пазар работат во тој режим.

„Телефоника“ им ги намали платите на хонорарните работници за 15 отсто, а работодавците во други земји имаат намера да понудат целосна плата, и покрај помалиот број работни часови.

Во данската општина Одшерд 300 вработени работат четири дена во неделата со целосна плата како дел од тригодишниот тест.

Во Шпанија, министерството за индустрија разгледува пилот-програма вредна 50 милиони евра со цел да им помогне на компаниите да го намалат работното време, без да ги намалат платите.

Некаде без намалување на платата, а резултатите се уште подобри

Информатичката компанија „Софтвер Ел Сол“ од Андалузија воведе четиридневна работна недела без намалување на платата и го зголеми бројот на вработени за 15 отсто.

- Продажбата порасна за 20 отсто, а отсуствата драстично се намалија; Расте задоволството на вработените и на клиентите, заедно со продуктивноста - вели директорот за маркетинг, Педро Кортес.

Карлос Викторија, економист во шпанското деловно училиште ЕСАДЕ, вели дека во некои сектори ќе биде полесно да се реорганизираат работните процеси и да се намали работното време, но има сектори каде што пократкото работно време би го намалило производството.

- Светот не е подготвен за четиридневната работна недела како иден модел во светот на работата - рече Викторија.

Извор: Bizlife.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот