X
 15.04.2022 Живот

Инфлуенсерка тврдела дека е првата жена што ја посетила секоја земја во светот. Сега ѝ се заканува тужба

Во 2017 година Каси де Пекол соборила два Гинисови рекорди и се здобила со признание од Националниот женски историски музеј како прва жена што ја посетила секоја земја во светот. Но, таа лажела.

Де Пекол во медиумите беше прикажана како првата жена што патувала во секоја земја, па дури и во еминентни медиуми како Си-ен-ен, Форбс, Њујорк тајмс и Тудеј. Нејзиниот успех бил поттикнат од видеата и фотографиите објавени на интернет што ги документирале нејзините патувања.

Во деталниот извештај на Тејлор Лоренц од „Вашингтон пост“, тврдењата на Де Пекол се доведени во прашање и се сведени на сржта на пазарот на туристички инфлуенсери: Дали патувањето во која било земја во светот се брои ако не го фотографирате и објавите на интернет?

Во извештајот дефинитивно се наведува дека и покрај нејзините тврдења, Де Пекол не е првата жена што ја посетила секоја земја во светот. Таа чест ѝ припаѓа на Дороти Пајн, која многу патувала во текот на 20 век. Дури и ако патувањата на Пајн не можат целосно да се проверат, постојат други жени што тврдат дека нивните патувања можат или веќе биле проверени.

Всушност, постојат 11 жени кои успеале да ги посетат сите земји во светот, а веројатно има и други што можеби не ги објавиле своите патувања јавно.

Лоренц разговарал со 56-годишната Нина Седано, која вели дека ги посетила сите земји во светот. Не само тоа, таа вели дека ги завршила своите патувања до крајот на септември 2011 година, многу пред наводниот рекорд на Де Пекол. Кога Седано се обидел да стапи во контакт со Де Пекол за нејзините тврдења, таа не одговорила.

Де Пекол во моментот е предмет на тужба покрената од „Травелерс јунајтед“. Организацијата ја тужи според Законот за процедури за заштита на потрошувачите, тврдејќи дека Де Пекол лажно рекламирала.

de pekol
Јутјуб-каналот на Де Пекол/Фото: Screenshot/YouTube

Во тужбата се наведува и дека таа ги измамила инвеститорите и спонзорите велејќи им дека е првата жена што отпатувала во секоја држава на планетата, а не била, и со години ги мамела медиумите за нејзините достигнувања.

Де Пекол ги негира овие обвинувања.

- Оваа жалба е уште еден неоснован напад врз мене и моите достигнувања. Имам намера енергично да го оспорам она што, за жал, се чини дека е повторување на истите неодржливи обвинувања изнесени против мене во минатото - вели Де Пекол.

Таа моментално има два Гинисови рекорди: „Најбрзото време за посета на сите суверени земји (женско)“ и „Најбрзото време за посета на сите суверени земји (севкупно)“. Организацијата не следи рекорд за првата жена што успеала да ја посети секоја земја.

„Травелерс јунајтед“ се надева дека тужбата ќе го насочи вниманието кон инфлуенсерскиот маркетинг, особено кога станува збор за патувања. Тврдењата на Де Пекол во голема мера беа неоспорни до овој момент, можеби поради многуте следбеници на социјалните мрежи. Таа има стотици илјади следбеници на „Инстаграм“ и „Тик-ток“, води поткаст, држи ТЕД-говори, напиша книга, а сето тоа поради нејзиното тврдење дека е првата жена што патувала во секоја земја.

Одри Волсворт, друга жена која вели дека патувала во секоја земја уште пред Де Пекол, а чие тврдење е потврдено, се надева дека оваа ситуација ќе придонесе да се прават повеќе проверки на фактите во инфлуенсерскиот маркетинг.


Извор: Petapixel.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот