Големите спортски натпреварувања отсекогаш се предизвик како за натпреварувачите/спортистите, така и самата држава и нејзините институции.
Да се биде учесник на светско или европско првенство, носејќи ги дресот и знамето на државата и борејќи се во нејзино име, е различно од сите трки во годината и чувство на восхит кое ви дава дополнителен мотив да го дадете најдоброто од себе.
Трчањето на високите планини, популарниот скајранинг, и трчањето во природа по земјени патеки е спорт кој секоја година станува сѐ попопуларен, а Македонија и нашите тркачи на планините растат во чекор со тој тренд.
Не случајно и овој септември Македонската скајранинг репрезентација, шеста година по ред, ќе биде учесник на големите натпреварувања. Предизвикот наречен светско првенство не ја остави рамнодушна скајранинг-комисијата која во последен момент, благодарение на Планинарската Федерација, успеа да обезбеди средства за седумчлената репрезентација да оди во Шпанија, да го облече црвено-жолтиот дрес и да се растрча по Ибериските Планини.
Иако скромно и на дното (во однос на буџетот) од сите 41 репрезентација што ќе настапат на ова првенство (најбројно досега) и буџет кој не успева да ги покрие ниту основните трошоци за превоз до Сорија, со големо срце и желба за натпреварување 7-члената репрезентација заминува во Шпанија, за да покаже дека вреди и за да покаже дека не случајно на минатото европско првенство беше 8. место од 19 репрезентации и најдобропласирана репрезентација од Балканот.
Македонија има безброј планини, има момци и девојки кои знаат и можат да бидат исклучително брзи на планините. Ним им треба само малку помош и ветар во грб за гордо да го облечат црвено-жолтиот дрес и да се вивнат по планинските патеки.
Елена, Ивана, Сашо, Антонио, Златко, Никола со нетрпение го очекуваат шести септември за повторно да ја направат Македонија горда, за да ја промовираат, за да му покажат на светот дека нашите планини, природа, култура и историја вредат и се гордееме со нив!
Натпреварите се во три дена, во три дисциплини:
1.Вертикален километар 4,8 км со 1.050 м вертикално искачување
2.Скајкласик 37 км и 2.540 м вертикално искачување
3.Скајултра 70 км со 4.350 м вертикално искачување
Составот на скајранинг-репрезентацијата на Македонија и дисциплините во кои ќе настапат:
Елена Ртоска -ВК / скајкласик
Ивана Пекевска ВК/скајкласик
Сашо Богојевски / ВК/ скајкласик
Никола Илиевски - ВК/скајкласик
Антонио Каранфилоски - скајултра
Златко Карчески - скајултра
Тим-лидер и официјално лице на репрезентацијата е Душко Петрушевски.